За прв пат во историјата: Слика на Бенкси на аукција за биткоини

од Vladimir Zorba
396 прегледи

„Љубовта е во воздухот“, познатото дело на уличниот уметник Бенкси од 2003 година, е првото што може да се купи со Биткоин или Етер на претстојната аукција во „Сотби“.

Аукциската куќа е првата што воведе криптовалути како начин на плаќање за уметнички дела во „физичка форма“ по успехот на купувањето на дела од дигитален-токен минатиот месец

За почеток, тие избраа едно од најпрепознатливите дела на Бенкси. Во пресрет на аукцијата, познатото дело „љубовта е во воздухот“ беше проценето во „нормални пари“ во опсег од три до пет милиони долари, односно помеѓу 35 и 53 биткоини. И првата аукција на која ќе биде можно плаќање во криптовалута е закажана за 12 мај во њујоршкиот огранок на „Сотби“.

Иако е овозможено купување со криптовалути, самата аукција, како што е планирано, ќе се одржи според стандардната постапка, пренесува „CNN“. Ќе се лицитира со пари, поточно во американски долари, но оној што ќе понуди најмногу ќе може да плати во криптовалута. „Сотби“ прифаќа и Биткоин и Етер.

Конечното прифаќање на криптовалутата како метод за плаќање на уметнички дела во аукциските куќи е резултат на соработката помеѓу „Сотби“ и една од најголемите платформи за размена на криптовалути во светот, „Коинбејс“.

Овој последен потег на познатата аукциска куќа не е изненадувачки, имајќи предвид дека во последно време светот на уметноста се соочува со голем бран промени.

Да потсетиме, во средината на март, аукциската куќа „Кристи“ постави рекорд кога целосно дигиталното дело на американскиот уметник Бипл беше продадено за 69,3 милиони долари. Делото, наречено „Everydays: the First 5.000 Days“, колаж од цртежи и анимации собирани секојдневно 5.000 дена, од Бипл, чие вистинско име е Мајк Винкелман (39), се најдоа во „избрано друштво“ од најскапите уметници во светот.

Таа онлајн продажба беше проследена од рекордни 22 милиони луѓе, што беше, како што тогаш објавија медиумите, „метеорски подем“ на новата технологија за потврда на автентичноста со употреба на „блокчејн“ што се користи за криптовалути. Овој „блокчејн“ се покажа како „чудотворен лек за копии“, бидејќи тие беа една од сопирачките во развојот на дигиталната уметност. И, тоа рекордно дело беше во форма на non-fungible token (NFT).

И по огромниот успех на „Кристи“, кој „повлече нога“ и „Сотби“, основана уште во 1744 година, минатиот месец таа понуди пакет дигитални колекции. И дури 3.000 купувачи учествуваа на аукцијата, а колекцијата отиде за скоро 17 милиони долари.

Иако ова е прв пат плаќања со криптовалути да бидат можни во голема аукциска куќа за дело во „физичка форма“, овој вид „трансакција“, кога станува збор за уметноста, пред четири години беше испробана од лондонската приватна галерија „Dadiani Fine Art“.

Најпознатиот уличен уметник во светот во текот на целата своја кариера се обидуваше да го „скрши“ статус квото. Човекот, чиј идентитет не е познат дури и по три децении работа, се прослави со провокативни акции на улиците ширум светот и дела што се остри, но и духовити општествено-политички коментари. Муралите на Бенкси со години го красат Лондон, Њујорк, Мелбурн … Таквата „герила“ уметност некогаш ја нарекуваа вандализам, но делата на уметникот од Бристол секогаш привлекуваат големо внимание и достигнуваат астрономски цени на пазарот.

Слични содржини