За Савески и Куновски по 6 месечна условна затворска за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Иванов

од Берта Китинска

Апелација на Здравко Савески и Владимир Куновски им досуди условни затворски казна од по 6 месеци за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, за време на „Шарената револуција“ пред 6 години.

По две ослободителни пресуди од пониските судови, кои ги укина апелација, денеска судот ги казни на 6 месеци условна затворска казна, која нема да се спроведе доколку во наредните 5 години не сторат ново кривично дел и надомест на штета во вредност од 8,5 илјади евра.

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува незадоволство и разочарување од пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која е изречена условна осуда од 6 месеци затвор за обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски, кои воедно се задолжени солидарно да платат износ од половина милион денари за материјалната штета предизвикана од кршењето на претседателската канцеларија за време на протестите на Шарената револуција.

-Се работи за настан од 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари од тогашната власт засегнати од истрагите на СЈО и неколкумина политичари од тогашната опозиција. Оваа одлука на претседателот беше дочекана со жестока реакција од граѓаните, кои истиот ден спонтано го изразија својот револт, собирајќи се пред неговата канцеларија во центарот на градот. Репресивниот полициски апарат на тогашната власт веднаш ја покажа својата жестокост, но и селективност во справувањето со демонстрантите. Од целата толпа – шест лица беа приведени и ставени во куќен притвор, а обвинителството брзо спреми обвинителни акти за водење судски кривичен прогон, се вели во соопштението од Хелсиншки комитет.

Од таму велат дека , казнувањето и справувањето со високиот криминал на функционерите оди бавно, доведувајќи до застареност на кривичното гонење за дела кои вклучуваат милионски суми, а од друга страна, како што објаснуваат за граѓани кои се спротиставија на криминалната аболиција, судските постапки траат шест години и се изрекуваат драконски казни за нивниот активизам.

-Со оваа пресуда судовите фактички испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата, затоа што во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон во кој повисоката цел – демократијата и владеењето на правото, треба да отстапи пред политичката репресија и формализмот на правната држава, посочуваат од ХК.

Слични содржини