За време на викендите, сабота и недела, и на државни празници, на јавното паркиралиште „Дом на печат” рампите ќе бидат кренати и паркингот ќе биде бесплатен, информираат од Град Скопје.
Како што велат оттаму, одлуката се должи на повторното ставање во употреба на жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и можноста бесплатно да се возат во автобусите на ЈСП на линиите со број 25 (Транспортен центар – Средно Водно), број 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и број 25Б („Дом на печат” – Средно Водно).
Дополнуваат дека на јавното паркиралиште зона А0, на Средно Водно, за време на викендите (сабота и недела) и државните празници, ќе биде зголемен бројот на контролорите за паркирањето и на инкасантите за наплата.
Градот Скопје апелира до граѓаните своите возила да ги паркираат исклучиво на обележаните паркиралишта во градот и да го чуваат зеленилото и јавните површини од оштетување.