За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изнудената оставка на Рашковски пропратена со арогантен напад на јавноста не е преземање на одговорност.
„Драги Рашковски има и тоа колку многу причини да одговара, почнувајќи од скандалот Леонардо, преку САРХЕМС, па до најновиот скандал со набавката на софтверот на МВР, но и за непријавениот имот, џип и хациенда. Но ако мислат Рашковски и неговиот шеф Зоран Заев дека со оставката ќе ги покријат милионските скандали, се лажат. Зоран Заев очигледно сака своите соработници кои се до гуша заглавени во криминали и корупција да ги спасува само со оставки. Така беше случајот со ден Дончев и Лидија Димова, така е и сега со случајот на Драги Рашковски“, велат од партијата, додавајќи дека овие милионски скандали не се покриваат со оставка, потребана е одговорност и судска разврска.
Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски си поднесе оставка од функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Рашковски утрово на својот фејсбук профил го објави писмото со датум од 12 април кое го доставил до премиерот Зоран Заев, во кое ја образложува оставката.
„Кога политиката ќе стане погласна од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сè да ја бара логиката. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции“ стои во писмото на Рашковски до Заев.