СДСМ не ја прифаќа идејата на директорот на СОЗР за купување на нов владин авион за потребите на функционерите. Според потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, тоа е „скандалозна и забегана најава“.
Според партијата од „Бихаќка“, „власта е одлепена од реалноста – луѓето не можат да врзат крај со крај, се мачат со секојдневните поскапувања и високи трошоци за живот, платите стагнираат, додека власта се лукзузира“.
-Најавата пак дека се размислувало и демек за половен авион е навреда на интелегнцијата на луѓето, станува збор за милионски бизнис зделки, рече Илиевски на прес-конференција.
Синоќа директорот на СОЗР информира дека владиниот авион е во Виена на вонреден сервис, потенцирајќи дека „има чувство како да се распаѓа“. Според Томовски, потребен е нов владин авион со кого би се превезувале владините функционери кога одат на посети во странство. Авионот е стар дваесетина години.
-Можеби и половен авион, но, не постар од 2-3 години. Сериозно е да имате сериозно летало. Сум разговарал со повеќе лица и кај сите има заинтересираност да дискутираме околу набавка на нов, поголем авион со барем најмалку 14 седишта, за да собере поголема делегација, истакна Томовски.
Тој додаде дека нов авион би чинел од 30 до 40 милиони евра па нагоре, а опцијата за половен авион би чинела околу 15 милиони евра.
-Планирам прво ова да го продискутираме со јавноста, да го видиме мислењето од јавноста, да го продискутираме ова со опозицијата, па дури сум размислувал да се донесе некаков став, да се изгласа некако во Собрание. Кој било да го спроведува тендерот, да биде транспарентен и јавен, но да, планирам да ја продолжам оваа постапка независно дали ќе трае година-две, искрено би сакал да оставам еден белег дека треба да бидеме сериозна држава, како што треба да имаме соодветно летало, така треба да имаме соодветен возен парк и соодветен државен имот, додаде директорот на СОЗР.
Владиниот авион со кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова требаше да лета за Париз на отварањето на реновираната катедрала Нотр Дам, се расипал на 3 декември 2024 година. Со него патувал претседателот на Собранието Африм Гаши во Стокхолм, Шведска.