Денес се навршува една година од стапувањето на сила на повторната забрана на пластичните кеси. Како и при првата забрана од 2013, и по забраната од 2021, употребата на пластичните кеси продолжи. Како да не постои законот и како да не постои проблемот на загадувањето со пластика. Според Заводот за статистика, во 2021 година е произведено енормно количество од 5.800 тони пластични кеси и вреќи, односно секој ден по неверојатни 16 тони. Ваквото екцесивно производство и потрошувачка на пластични кеси со несмалено темпо продолжи и оваа година, информираат од Иницијативата за ослободување од еднократна пластика.
Единствениот позитивен исчекор што е направен, велат од таму, е во однос на т.н. биоразградливи пластични кеси кои се продаваат на каса. Иако продолжи употребата и на овие кеси, намалувањето е очигледно. Тоа се должи, покрај на цената што се наплаќа за нив, и на знаењето на граѓаните дека постои алтернатива за користењето пластични кеси, имено, платнените торби.
-Но, ваквото подобрување не се отсликува кај употребата на останатите пластични кеси. По краткотрајното почитување на законот со пуштање во промет на хартиени кеси за овошје и зеленчук, набрзо следуваше враќање на забранетите пластични кеси, често придружено со трагикомичниот обид за изигрување на законот преку сечење на рачките. На овој начин, дури и се зголеми вкупното количество на пластични кеси, бидејќи ваквите кеси се непрактични, полесно се кинат, па многу граѓани едноставно ги фрлаат, создавајќи дополнително пластично ѓубре.
Главната причина за кршењето на законот е непознавањето одржлива алтернатива на пластичните кеси при пазарењето овошје и зеленчук. А таква алтернатива постои. Не мора да се купува овошје и зеленчук во пластични или хартиени кеси. Може за таа намена повеќекратно да се користат мрежи за овошје и зеленчук. Но, ваквите мрежи речиси воопшто ги нема на македонскиот пазар. Вината за ваквата состојба првенствено ја лоцираме кај Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е должно, со парите што се добиени од продажбата на пластичните кеси, да преземе мерки, како за информирање на граѓаните за алтернативата со мрежите за овошје и зеленчук, така и за поттикнување на производство на овие мрежи.
Проблемот на загадувањето со пластика е сериозен проблем. Не се рециклира целата пластика. Глобално, само 9% од пластиката се рециклира, а дополнителни 12% се гори. Останатите 79% се трупаат на ѓубриштата или завршуваат во водите. Кај нас процентите се многукратно попоразителни. Оттука, апелираме до граѓаните да го намалат своето користење на еднократна пластика, вклучително и пластични кеси, а од Министерството за животна средина и просторно планирање бараме да се ангажира да го обезбеди спроведувањето на законот со кој се забрануваат пластичните кеси и да покаже поголема активност во борбата против останатите видови еднократна пластика, стои во соопштението од Иницијативата.