Цените на нафтата пораснаа за три долари, при што Брент го надмина нивото од 110 долари за барел, бидејќи земјите од Европската унија размислуваат да се приклучат на американското ембарго за увоз на руска нафта и затоа што нападот врз саудиските нафтени постројки за време на викендот предизвика нервоза на пазарот.
Европската нафта брент поскапе за 3,44 долари или 3,2 отсто на 111,37 долари за барел во азиската трговија до 4:43 часот по средноевропско време, додека американската сурова нафта поскапе за 3,54 долари или 3,4 отсто на 108,24 долари за барел.
Ова движење на цените беше поттикнато од извештаите дека ќе следат самити меѓу владите на ЕУ и американскиот претседател Џо Бајден оваа недела за да се зајакне одговорот на Западот кон Москва во врска со нападот врз Украина, при што ЕУ размислува дали да воведе забрана за увоз на нафта од Русија или не.
Бидејќи конфликтот не стивнува, во фокусот на купувачите се врати дилемата дали пазарот ќе може да го надомести недостигот од снабдување со руски барели доколку Брисел воведе санкции за нафта.
„Нападот на Хутите на саудискиот енергетски терминал, предупредувањата за системски недостиг на членки на ОПЕК и потенцијалното нафтено ембарго на Европската унија кон Русија доведоа до скок на цените на нафтата во трговијата во Азија“, рече Џефри Хали, аналитичар во „Оанда“.
Тој додава дека „дури и ако војната во Украина заврши утре, светот ќе се соочи со структурен енергетски дефицит, поради санкциите против Русија“.
Во текот на викендот, нападите на групата Хути со седиште во Јемен, која е поврзана со Иран, предизвикаа привремен пад на производството во рафинеријата „Сауди Арамко“, што предизвика нервоза на нафтениот пазар.
Неодамнешниот извештај на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, вклучително и Русија, група наречена ОПЕК +, покажа дека некои производители сè уште не ги исполнуваат договорените квоти за производство на нафта.