Забранет пристап на армијата на Мјанмар до Фејсбук и Инстаграм: Ризикот е преголем

од Stefanija Kuzmanovska
220 прегледи

Компанијата „Фејсбук“ денес соопшти дека ѝ забрани на армијата на Мјанмар да ги користи своите платформи, бидејќи масовните демонстрации против воениот удар што ја смени цивилната влада продолжуваат во оваа земја со недели, пренесува „Ројтерс“.

– Настаните по пучот на 1 февруари, како и насилството во кое имаше жртви, се причина за оваа одлука и сметаме дека е преголем ризикот да ѝ се дозволи на армијата на Мјанмар понатамошен пристап до платформите на Фејсбук и Инстаграм – соопшти „Фејсбук“ на својот блог, пренесува агенцијата.

Во соопштението се наведува и дека одлуката за забрана за пристап на армијата е последица на исклучително сериозното кршење на човековите права и јасен ризик од ново насилство извршено од воените власти во Мјанмар, како и поради нивното повеќекратно кршење на правилата на Фејсбук.

„Ројтерс“ наведува дека забраната на американската компанија важи и за сите економски субјекти поврзани со армијата кои се рекламираат на нејзините платформи, како и дека властите во Мјанмар не биле достапни за коментар во врска со оваа одлука.

Армијата на Мјанмар, која ја презеде власта во земјата овој месец, ја приведе Аунг Сан Су Чи, како и поголемиот дел од раководството на нејзината партија, а најмалку тројца демонстранти и еден полицаец беа убиени во насилството на протестните собири кои следеа во земјата, според Ројтерс .

Слични содржини