„Јавно се обраќам до сите медиуми и т.н. “медиуми” кои ги објавија или ќе ги објават ваквите клеветења, навреди, хушкања, етикетирања и дезинформации и барам да го повлечат моето име од објавите и да се извинат за намерното предизвикување и ширење омраза и гнев и тоа во време на национална трагедија“ – вака објави поранешниот координатор за „Отворен Балкан“ во Владата, Марјан Забрчанец откако во одредени медиуми се појавија клевети дека тој стои зад протестите кои деновиве се организираат по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 млади лица.
Тој побара да се повлечат клеветите, навредите и хушкањата кон него, а доколку не се направи тоа ќе реагира согласно Законот за Граѓанска одговорност за навреда и клевета. Забрчанец бара извинувањето да биде објавено на ист начин и со еднаква видливост како и клеветите и навредите и бара да се објават фактите со кои ги побива клеветите.
Тој вели дека е клевета оти е неформален координатор и инспиратор на ваквите процеси, истакнувајќи:
„Не сум ниту неформален, ниту формален координатор на протестните движења, не ги познавам координаторите и не сум имал можност да ги инспирирам. Верувам дека младите имаат доволно причини, а и капацитети самостојно да се инспирираат и координираат“ вели Забрчанец.
Втората клевета и навреда која ја истакнува е дека станува збор за „сојуз на ретоградни елементи од СДСМ и од ДУИ – групации“
„Изречена јавна навреда: Ретрограден значи ‘крајно заостанат, назаден, што назадува и постапно опаѓа, слабее’. Не сум дел од никаков сојуз на елементи од СДСМ и ДУИ, ниту од Левица – не сум член на ниту една партија“ вели Забрчанец.
Како трета клевета тој истакнува дека е аргументот дека „се обидува да се врати на сцена преку манипулација и злоупотреба на трагедијата“.