Забрчанец: Ни требаат и Отворен Балкан, и Берлински процес

од Destan Jonuzi
272 прегледи

Берлински процес и Отворен Балкан се две иницијативи кои се комплементарни и се надополнуваат, имаат слични цели а дејсвуваат преку различни механизми и проекти, вели во изјава за „Локално“, Марјан Забрчанец – национален координатор на Северна Македонија за „Отворен Балкан“, запрашан дали по рестартирање на Берлинскиот процес може да пропадне иницијативата „Отворен Балкан“.

– Регионот ќе успее да се поврзе и интегрира само ако различните иницијативи се координираат, се помагаат, ако споделуваат меѓу себе добри пракси и научени лекции и без монополизација. Ова е регион со неисцрпни можности и затоа иницијативите треба да се помагаат меѓу себе и евентуално да се натпреваруваат со идеи и со ефикасност во позитивна смисла. Но, никако не смее да се дозволи да се спори потребата од регионални успешни иницијативи. Ни требаат и Отворен Балкан, и Берлински процес, и RCC, и RYCO, и CEFTA, и регионалната стопанска комора, изјави Забрчанец за „Локално“.

Марјан Забрчанец

Марјан Забрчанец

„Отворен Балкан“, додава тој, носи само добро, не е и не може да биде закана за која било држава, за кој било народ или за која било друга иницијатива.

– Отворен Балкан носи конкретни резултати, опипливи бенефити за компаниите и за граѓаните, олеснување на движењето, на работата, помош меѓу земјите во услови на енергетска и криза за храна, помош при природни катастрофи. Овие резултати, како позитивен пример што треба да се пренесе и во другите држави од регионот, ќе бидат презентирани од страна на лидерите на Отворен Балкан, на претстојниот Берлински самит посветен на Западен Балкан. Оттука, заклучокот упатува сам на себе – не е логично, ниту постои таква намера, ниту идеја, да се згаснува иницијатива која веќе дава конкретни резултати за компаниите и граѓаните, која развива добрососедство и регионална соработка, која е поддржана од над 70% од вкупното население и која ужива поддршка од нашите стратешки партнери САД и ЕУ. Отворен Балкан ќе се развива уште повеќе и ќе служи за пример, вели тој.

Тој нагласи дека „Отворен Балкан“ има јасна политика на отворени врати, поканата за Црна Гора, за Босна и Херцеговина и за Косово е постојано активна и постојано се реактуелизира.

– За нас е важно да постојат, да работат и да бидат упсешни што е можно повеќе иницијативи за регионална соработка. Тоа е така бидејќи тоа го бараат и граѓаните. Уверени сме дека она што Отворен Балкан нема да стигне да го сработи ќе биде преземено и обезбедено од ЦЕФТА, друго од Регионалниот совет за соработка, трето од Берлинскиот процес, четврто од Регионалната канцеларија за млади, петто од Регионалната стопанска комора на Западен Балкан, а секако и обратно, подвлекува Марјан Забрчанец – национален координатор на Северна Македонија за „Отворен Балкан“.

Д.Ј.

Слични содржини