Средбата на лидерите на Србија и Косово (Охрид, 18 март 2023) е регионален и европски настан од највисок ранг, на која се решава едно од најгорливите прашања во регионот и пошироко. Разговараме со Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, за значењето на овој настан, како и за улогата на нашата земја во овој и во поширок контекст.
„Вредностите на мирот и стабилноста најдобро се осознаваат кога тие се загрозени. Пред нашите очи се случува руска воена агресија врз суверената Украина, како и антидемократски хибридни напади врз територијата на Западен Балкан. Во вакви, услови, нема поважно нешто од наше повторно исправање пред предизвиците и наше повторно одговорно однесување во сопствено име, но и во име на регионот“, изјави Забрчанец за ЦИВИЛ Медиа.
Според Забрчанец, очигледно е дека меѓународната заедница, а и нашите соседи Србија и Косово го препознаваат нашиот перформанс во градењето мир и соработка на Балканот. „Како земја, како народ и како Влада, треба да сме горди што сме препознаени како платформа која може да придонесе кон трајни мировни решенија кои регионот го носат напред“, додава Националниот координатор, Забрчанец.