Во текот на изминатиот половина век, се стопиле 9.200 гигатони глечери – што е еквивалент на леден блок висок 25 метри во должина на Германија, според Светската служба за следење на глечерите (WGMS) со седиште на Универзитетот во Цирих.
Топењето на глечерите драматично ќе влијае на целиот живот на Земјата, објави Светската метеоролошка организација (WMO) во петокот, Светскиот ден на глечерите. Овој процес го загрозува снабдувањето со свежа вода што му е потребна на човештвото за пиење, земјоделство и индустрија.
Понатаму, водата што се топи на глечерите се влева во морето. Ова го подигна глобалното ниво на океаните за 18 милиметри во изминатиот четврт век.
Директорот на WGMS, Мајкл Земп, истакна дека секој милиметар од глобалното зголемување на нивото на морето става во опасност од поплави дополнителни 200-300.000 луѓе.
Глечерите, вклучувајќи ги ледените плочи на Гренланд и Антарктикот, содржат 70 проценти од целата свежа вода на Земјата.
„Зачувувањето на глечерите не е само прашање на зачувување на природата, економијата и општеството, туку и на опстанок“, предупреди шефицата на WMO, Селесте Сауло.
WMO претходно регистрираше забрзано топење на глечерите само во одредени области, но во последните три години тоа беше забележливо во сите 19 глацијални региони во светот.
Поконкретно, повеќе глечери исчезнаа во тој тригодишен период отколку во кој било друг од почетокот на мерењата во 1970-тите.