„Заемот од милијарда евра ќе доведе до зголемување на јавниот долг, освен ако дел од средствата не одат на отплата на стари долгови“: Дали е поволен кредитот што Македонија ќе го земе од Унгарија?

од Nikola Popovski
1,8K прегледи

Сега веќе новиот премиер Христијан Мицкоски, веднаш по изборната победа најави поволно задолжување од една европска држава за милијарда евра, а реакциите за таа „милијарда“ не стивнуваат. Дел од унгарските медиуми веќе објавија дека заемот ќе биде од официјална Будимпешта, со оглед на блиските релации меѓу токму Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Неофицијално, кредитот ќе биде подигнат со ниска каматна стапка од три проценти што е исклучително поволен услов за било какво задолжување за една земја во странство.

Бонбона бизнис или поттикнување на економијата?

Дел од економистите во разговор за „Локално“ велат дека само со повеќе даноци, се остварува повисок економски раст. Даночниот експерт Славко Лазовски смета со ново задолжување можно е да се поттикне економијата, но…

-Во земја, неразвиена со огромна сиромаштија, ги намалувате даноците. Со помали даноци ќе остварите побрз раст на економијата и ќе ја намалите сиромаштијата? Тоа не се случило никогаш и никаде досега. Само со повеќе даноци, се остварува повисок економски раст. Потврдено низ историјата на секоја поединечна земја во светот, па на нашата.

Славко Лазовски

Со ново задолжување ќе ја поттикните економијата? Можно е. Но задолжувањето во странство оди напоредно со зголемување на даноците. Тоа е гаранција дека долгот ќе биде вратен. И доверителот и должникот се убедени дека растот на економијата ќе го олесни зголемувањето на даноците, посочува Лазовски.

Затоа е чудно, според него, да ги намалувате даноците, а го зголемувате задолжувањето.

-Зголемување на задолжувањето, кога тогаш, води кон зголемување на даноците. Јавниот долг е патоказ кон зголемени даноци. Долгот на една држава е најсилен факт и потврда дека даноците ќе мора да се зголемат, дециден е даночниот експерт.

Според Лазовски, намалувањето на даночната стапка и една милијарда долг во исто време се спротиставени мерки.

-Ниту намалувањето на стапката , ниту зголемувањетои на долгот не се за машала, од кои полоша е првата. Јасно е дека и едното и другото ќе биде реалност. Власт си е власт. Биле реалност и уште покатасрофални мерки, но, треба да се знае барем во она општото што значат овие две мерки (намалување на стапките и задолжувањето): прво, селење на даночниот товар од богатите на сиромашните – второ, селење на даночниото товар од сегашната генерација на идните генерации и трето, зошто мораме да правиме токму спротивното од она што го бара ЕУ од нас?

Со помалку даноци (пак правам разлика од помали) ќе ја намалите сиромаштијата?! Ќе се изначекаат да излезат оние кои се во неа, а само ќе добијат нови содружници, истакнува соговорникот.

Вели дека неговиот фокус е и фискалната одговорност.

-Кога таа ја нема или е на сосема ниски гранки, задолжувањето на државата е бонбона бизнис. Можеби јавниот долг е толкав поради тоа што немаме Закон за фискална одговорност. Изјавата за фискална одговорност ја нема ни во Законот за буџетите, кој треба да се применува од почетокот на идната година. Јасно е зошто ја нема. Знатно поголем ризик има кога Влада со Влада ќе го договори задолжувањето, тоа значи политика на една земја, со политиката на друга земја договараат некоја нова и само на нив прифатлива политика. Силен мотив и интерес.
Сосема е друга приказна кога задолжувањето оди преку меѓународните финансиски институции. Не дека и таму нема политика, поволноста е во тоа што вообично тоа задолжување е по поволни услови за должникот. Штом кредит ти дава Светска банка, ММФ, двете европски банки, тоа е сигнал и друг да ти даде кредит. А кога кредит ти дава одредена земја, кругот на давателите се стеснува. Ниската каматна стапка може да значи само мачкање очи на народот. Кредитот или заемот значи давање, поточно преостапување на пари, а преку давањето на пари се врши најсилното влијание, а самото преостапување има цена, секогаш поголема од каматата, анализира Лазовски во разговорот.

Со свој е и поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски. Тој во разговор за „Локално“ вели дека со оглед на фактот дека имаме нова Влада со нова владина програма, сосема е логично таа да има определена стратегија во однос на инвестициите и политиката на јавниот долг.

-Доколку најавеното задолжување се реализира со каматна стапка од само 2,59 проценти, имајќи го во предвид трендот на каматните стапки по кои Македонија би се можела да се задолжи на меѓународните финансиски пазари преку издавање на еврообврзница, а кое според мои процени не би можело да биде пониско од 5%, може да се смета како задолжување под поволни финансиски услови. Се разбира второто прашање е прашањето како тие средства ќе се користат и како истите ќе се стават во функција на на стабилизирање на економијата и поддршка на различни развојни проекти. Исто така треба да се земат предвид и долгорочните импликации на задолжувањето на јавниот долг и обврските за отплата, истакнува Миноски.

Кирил Миноски

Доколку информациите за заемот од Унгарија се точни, додава тој, тоа може да биде интересен пример на билатерална соработка со оваа земја која е членка на ЕУ.

-Унгарија е присутна во регионот со својот капитал пред се во сферата на енергетиката и банкарството, на пример во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија. Она што е битно е транспарентно да бидат објавени условите под кој што се зема кредитот со цел да се избегнат шпекулациите во јавноста. Во насока на транспарентноста позитивен факт е што станува збор за земја членка на ЕУ, која е под континуиран мониторинг на европските институции, посочува екс-министерот.

На прашањето дали ова може да се смета за еден вид „изборна измама“, соговорникот истакнува дека за такво нешто можеме да говориме кога нешто ветувате пред и за време на избори, а истото не го реализирате.

-Во дадениов случај станува збор за информација која се објавува по завршување на изборите. Останува да почекаме и да ги видиме ефектите од најавеното задолжување, дециден е Миноски.

Според него, повлекувањето на заемот од една милијарда евра речиси сигурно ќе доведе до зголемување на јавниот долг, освен ако поголем дел од средствата не одат на отплата на старите долгови.

-Важно е да се види како овие средства ќе бидат искористени и дали истите ќе генерираат доволен економски раст за да го оправдаат долгот. Ако средствата се вложат во продуктивни проекти кои ќе создадат поврат на инвестицијата, долгот може да биде одржлив на долг рок. Несомнено е дека во постојната констелација Македонија ќе мора да се задолжува, за да се враќа старите обврски по земени кредити и да се обиде на иницира раст кој долгорочно ќе го стабилизира и намали долгот, а ќе го зголеми БДП-то и животниот стандард на граѓаните, објаснува експертот.

На прашањето дали е вообичаено за земји да земаат директно заеми преку држави, а не преку меѓународни институции, Миноски оценува дека не се невообичаени.

-Јас би навел неколку примери на билатерални заеми: Грција од Германија, Албанија од Италија, Бугарија од Кина за инфраструктурни проекти, Србија од Кина и слично. Клучното прашање покрај условите под кои што се земаат кредитите е начинот на кој што ќе се користат средствата. (Какви проекти ќе се финансираат , дали проектите се доволно разработени и дали е запазен ефектот на мултипликатор врз економијата, на кој начин ќе се спроведува мониторингот на начинот и динамиката на реализација на проектите, како ќе се спроведуваа јавните набавки, како ќе се евалуираат проектите, дали постојат дополнителни економски и политички импликации и сл.) Се надевам дека ќе наскоро јавноста ќе добие повеќе детали и за овие прашања, заклучува поранешниот министер за финансии.

„Платформа 1198“ за исто толку проекти колку што планира да реализира владата на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата уште во кампањата беше презентирана преку панел дискусии и образложена од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Во неа, според него, граѓанинот е во фокусот преку подобрување на животниот стандард и економијата. Партијата ветува 3 милијарди евра за капитални инвестиции, нови 55.000 работни места до 2028, рамни и ниски даноци кои создаваат фер услови, борба со сивата економија, изградба на енергетски капацитети и создавање на Министерство за енергетика. Се најавува и економски раст од 5 % што е далеку од проекциите на ММФ или Светска Банка, невработеност на 7.5 %, инфлација од 2-2.5 %, дефицит под 3 %…

„Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка. Со две други странски инвестиции кои што би биле во зоните, но услов е овој директор кој што е таму и претседател на СДСМ во најава да замине, бидејќи се навистина со лошо искуство од него да дојдат да инвестираат во Македонија кои што се исто така прилично атрактивни и ценам дека еден ваков финансиски бран ќе биде само дел од оној процес за кој што зборувам цело време, а тоа е како да донесеме надеж“, рече Мицкоски за најавената милијарда евра, на 9-ти мај, еден ден по двојната победа на изборите.

Мицкоски не откри од каде ќе земе заем, само рече дека е од европска држава која нуди добри услови и дека наскоро ќе биде соопштено во јавноста.

Неколку дена подоцна Бранко Азески од Стопанската комора ја искоментира најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. „Господ да е на помош на тој што ќе донесе нови пари во Македонија“, рече Азески, токму во присуство на Мицкоски.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска, на 13-ти мај, прашана за најавите за задолжувањето на идната влада од влада на странска држава, кажа дека претпочита задолжување пред меѓународните финансиски институции, бидејќи тие даваат најповолни услови. Таа рече дека мора да се оправда толкавото задолжување на државата.

-Прво, намената на задолжувањето мора да е оправдана, да е за нешто што ќе го зголеми потенцијалот на државата и второ, треба да се фокусираме на извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови за финансирање на нашата економија. А меѓународните финансиски институции, вообичаено обезбедуваат такви услови за финансирање. Секако, ако има и други извори кои што би дале такви услови, треба да се земат предвид, истакна тогаш Ангеловска-Бежовска.

Н.П.

Слични содржини