Заев-Боричиќ: Поддршката на спортот е вложување во иднината и здравјето на младите за најдобра промоција на државата

од Берта Китинска
241 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски, денеска го прими претседателот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) Александар Боричиќ, придружуван од Озкан Мутлугил, претседател на работната група за развој во ЦЕВ.

На средбата на која присуствуваа и членови на раководството на македонската одбојкарска федерација (ОФМ), претседателот Петар Јовановски, потпретседателот Столе Иванов и генералниот секретар Зоран Карановиќ, беше поздравена поддршката од Владата преку АМС и остварените позитивни резултати во одбојката во нашата земја, имајќи го предвид пласманот на одбојкарската репрезентација на Северна Македонија на последното Европско првенство во 2019 година и успехот и пласман на Европското првенство, кое ќе се одржи оваа година наесен.

Претставниците на Европската одбојкарска конфедерација упатија честитки кон Владата на Република Северна Македонија за поддршката која ја дава за организацијата според највисоките стандарди на повеќе европски настани.

Истовремено, искажаа доверба кон раководството на Одбојкарската федерација на Северна Македонија за обезбедување и организирање на Европското првенство, сениори 1 група, кое во 2023 година ќе се одржи во нашата држава и во Италија, Бугарија и Украина.

Беше речено дека активната соработка со Европската одбојкарска конфедерација е одличен предуслов за обезбедување високи перформанси на спортистите, кои на најдобар начин ја претставуваат и афирмираат сопствената држава.

На средбата беше констатирано дека исклучителниот резултат во овој спорт, одбојката, го покажува континуитетот, напорите и исклучителното вложување на спортистите, како и постојаната поддршка која Владата ја дава преку Агенцијата за млади и спорт преку програмите 20 и 40 и ваучерскиот систем.

Од особено значење, беше нагласено во разговорите, е поттикнувањето на младинската и женската одбојка како колективен спорт кој е особено популарен кај младите и обезбедува правилен телесен и психофизички развој на младата популација, која е иднината на секоја држава.

Северна Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство во 2022 година за одбојкарки до 19 години и младите спортистки веќе имаат подготвителни тренинзи.

Слични содржини