Во последен обид во седиштето на ЕУ да ги презентира македонските аргументи за формален почеток на преговорите за членство, премиерот Зоран Заев ќе има средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој практично претседава со највисокото тело на ЕУ – лидерските средби или самити на ЕУ.
Во рок од една недела, Заев по втор пат е во Брисел. Тој минатата недела се сретна со претседателката на Европската Комисија и со шефот на дипломатијата на ЕУ.
Мишел има улога да изгради компромис помеѓу 27-те шефови на држави и влади на Европската Унија.
Се очекува премиерот Заев денеска и на Мишел да му ги повтори аргументите дека е нужно Македонија да ја одржи првата Меѓувладина конференција пред крајот на португалското претседателство, за да се зачува и подобри кредибилитетот на Европската Унија како во земјата така и во целиот регион.
Македонија заедно со Албанија во март 2020 доби зелено светло од сите 27 членки на ЕУ едногласно дека треба да започне преговори со ЕУ, но Бугарија го блокира усвојувањето на преговарачката рамка поради билатерален идентитетски спор. Повеќето земји членки на ЕУ отворено изјавија дека не ја поддржуваат Бугарија во оваа блокада, но останува дека Софија има право да стави вето и дека само со согласност од сите 27 земји на ЕУ може да се усвои рамката за Македонија и да се одржи првата Меѓувладина Конференција. Оваа конференција всушност го означува формалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Зоран Заев минатата недела од Брисел повтори дека нема да прифати почеток на преговори со ЕУ по цена на македонскиот идентитет и јазик. Македонскиот јазик стои во нарт преговарачката рамка, а таа мора да биде усвоена и од Македонија за да биде важечка.
Ова премиерот им го порача на сите свои соговорници и се очекува повторно тоа да го стори со Шарл Мишел денеска.
Тој ќе потсети и дека од односот кон Македонија зависи кредибилитетот на Унијата во целиот регион, но и дека во прашање е и регионалната стабилност.