Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се огласија на Фејсбук по завршувањето на лидерската средба кај претседателот на државава, Стево Пендаровски.
На лидерската средба е договорено предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април 2020 година.
„Нашиот народ ќе си го потврди исправниот пат по кој тргна земјата.
Тоа е патот на развој и просперитет, патот што води напред. Тоа се повисоките плати, градежната офанзива, огромната социјална помош, поддршката за домашните фирми, мерките против загадувањето, враќањето пари директно кај граѓаните и бескомпромисната борба против корупцијата.
Подготвени сме за голема победа и испраќање во заборав на политиките кои нудат изолација, национализам, поделби, конфликти и богатење на неколкумина на сметка на граѓаните.
Македонската иднина е извесна, ќе победиме заедно со граѓаните!“, сподели премиерот Заев.
„Завршува арамилукот, срамот, неправдите и назадувањето донесено од Зоран Заев и оваа влада.
Од 3 јануари техничка влада, на 12 април избори.
Иако се тешки времиња изборот никогаш не бил појасен.
Сите заедно одиме на голема победа која ќе ја донесе обновата на Македонија“, вели пак Мицкоски.