Заев на „Отворен Балкан”: Земјоделството е заедничка предност за сите земји од регионот и затоа ги олеснивме административните процедури за брз пристап до пазарот

од Берта Китинска
210 прегледи

Во рамките на агендата на Самитот на „Отворен Балкан” во Тирана, претседателот на Владата Зоран Заев и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, зедоа учество и на форумот за земјоделство и регионалната соработка.

Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека една од најсилните поддршки на оваа иницијатива е насочена кон унапредување на регионалната соработка во земјоделството и прехранбената индустрија на земјите кои се дел од „Отворен Балкан”, и додаде дека на состанокот во Тирана, веќе има конкретни резултати кои создаваат услови соработката во овие области да добие нов импулс и динамика благодарение на договорите и меморандумите што ги потпишавме.

„Земјоделско-прехранбената индустрија е една од најважните индустрии на Западен Балкан во однос на индустриското производство, обемот на трговијата, генерирањето на работни места и во однос на географската распространетост. За тоа колку е значаен овој сектор и зошто го заслужува нашето внимание, говорат и бројките. Земјоделско-прехранбената дејност во вкупниот промет на индустриското производство учествува со 24 отсто од вкупниот прометот во регионот на Западен Балкан. Споредено со просекот на Европската Унија, каде што земјоделските и прехранбените производи учествуваат со 15 проценти, станува јасно колку е важна улогата и местото на земјоделството и прехранбената индустрија во нашиот регион”, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека земјоделството игра важна улога и во вкупната економија на Западен Балкан, кој, како примарен сектор, учествува со 12 отсто во вкупниот БДП на регионот, и дека во споредба до просекот на ЕУ каде што земјоделството учествува во 1,56 отсто во вкупниот БДП, станува јасно дека земјоделството и понатаму е еден од главните двигатели на растот во регионот.

„Бројките што ги спомнав доволно силно го илустрираат потенцијалот на регионалната соработка во земјоделството и во производството на храна. За да се овозможи зголемување на трговската размена значајно е меѓу себе да соработуваме и да работиме заедно на унапредување на стандардите и соработката. Олеснувањето на административно-царинските формалности за слободен проток на стоки е еден од клучните аспекти за раст на економијата. Затоа првично се фокусиравме на овие прашања. Поедноставувањето на процедурите, намалување на времето на чекање на границите и тежнеење кон слободен проток, е видлив резултат”, потенцираше претседателот на Владата Заев.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во своето обраќање се задржа на значењето на потпишаните договори и нагласи дека со признавањето на сертификатите од трите страни, транспортот на земјоделските производи и на храната ќе се поедностави и ќе се забрза со што ќе се намалат загубите и ќе се обезбеди побрз пристап на производите на регионалниот пазар.

Слични содржини