Во интервјуто за телевизијата 24 вести лидерот на СДСМ, Зоран Заев потври дека содржината на писмото кое го испратил до екс- разузнавачот Зоран Верушевски, а е дел од истаргата за „Пуч“ е автентично. Тоа што во содржината се споменуваат странски пријатели се практично колегите од сестринските партии на СДСМ низ Европа преку кои Заев се обидувал да обезбеди работна виза за Верушевски кој имал намера привремено да се исели од државата затоа што неколку месеци немал земено плата на ФОН каде што е професор.

Покрај другото Заев посочи дека ги поддржува предлозите на ДУИ и на ДПА за странска експертиза на целиот случај со прислушувањето. Ова се должи на фактот дека во државата нема институции кои тоа би го направиле независно и без притисоци на власта.
„Видовме што се случува со политичките затвореници, со новинарот Кежаровски, со затворањето на А1 телевизија, со Актор, со становите на функционерите на власта, сето тоа ми дава право да кажам дека не верувам на домашните институции. Нема државни институции и нема правен механизам кој ќе гарантира објективна истрага. Затоа очекувам дека вклучувањето на странците ќе биде неопходен. Добро е што партнерот во власта, Ахмети, повикува на странска експертиза, што само потврдува дека и тој самиот не верува во домашните институции“- изјави Заев.
Претседателот на СДСМ изјави дека освен аудио разговори од следењата поседува и писмени докази за криминал на власта, а меѓу нив и такви кои го илустрираат синџирот на проследување на следењата на граѓани во полицијата.