Заев: Велес ќе добие современ Градски пазар што е од големо значење за регионалната економија

од Vladimir Zorba
385 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод старт на работите на новиот Градски пазар во Велес.

На настанот покрај премиерот Заев присуствуваа и Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, Љупчо Николовски, заменик-претседател за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа и Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.

„Овој проект е еден од оние кои се остваруваат од соработката меѓу Владата и општините. За реализација на овој проект обезбедени се финансиски средства во висина од 86 милиони денари и тоа 40 милиони денари Општина Велес ги обезбеди преку Владата на Република Северна Македонија од ставката за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа, а останатите 46 милиони денари како заем од Светска банка преку Програмата за подобрување на општинските услуги. Дополнително, се очекува финансиска поддршка во висина од 15 милиони денари и преку Центарот за развој на Вардарски плански регион, што треба да ги обезбеди Бирото за регионален развој. Со тоа се обезбедени потребните финансиски средства за комплетна изградба на покриениот пазар“, истакна Заев.

„Изградбата на покриениот Градски пазар во Велес е од големо значење за регионалната економија бидејќи од него остваруваат егзистенција голем број земјоделци и трговци од целиот регион. Конечно после неколку децении велешани ќе добијат современ Градски пазар каде земјоделците и трговците ќе имаат соодветни и нормални услови за продажба на своите производи. Новиот објект ќе го врати животот на левата страна на градот и ќе поттикне развој и на нови урбана содржини од интерес на граѓаните. Но најважно од сѐ, ќе придонесе за зајакнување на економскиот развој на градот и регионот“, додава тој.

Слични содржини