Ќе слушнете како Никола Груевски договарал провизија со кинеска компанија која ќе гради патишта без тендер. Проектот е вреден 580 милиони евра, а одлуката е донесена со закон во Собранието на РМ, рече денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Откако ја договорил изградбата на автопатот Миладиновци-Штип за 206 милиони евра пари кои се кредит и народот треба да ги враќа. Груевски влегува во акции да го договори и автопатот Кичево -Охрид. Иако проценката на Агенцијата е околу 270 милиони евра, сепак, по налог и директива на Груевски, тој, министерот Миле Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиноски се договараат за изведба на автопатот Кичево-Охрид за 103 милиони евра повеќе – рече Заев.
Груевски, додава Заев, успеал повторно да биде избрана иста фирма на ист начин и под исти услови.
– Условите биле 5 проценти провизија од проектот и тоа помеѓу 15 и 18 милиони евра провизија, а за двата проекта заедно повеќе од 25 милиони евра провизии – рече Заев.
Според него, ова е можеби најголем финансиски корупциски скандал во регионот воопшто.