Не се точни неоснованите тврдења дека Бугарија влегува во „белградски“ и „странски сценарија“ сопирајќи го влезот на С.Македонија на патот кон членството во ЕУ. Бугарија како членка на Унијата продолжува да ја поддржува европерспективата на земјите од Западен Балкан, посочи шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева во „Контракоментар“, емисија на блогерот, Асен Генов.
Како што пренесува МИА, Захариева потенцирала дека заложбите на бугарското претседателство во ЕУ за проширување, станало пракса и приоритет и на останатите земји кои претседавале по нив.
Во рамки на позициите на австрискиот канцелар Себастијан Курц и германскиот министер за европски прашања Михаел Рот, дека проширувањето на ЕУ не треба да стане заложник на билатералните спорови и бугарската политика кон С Македонија, Захариева рече дека нерешените прашања треба да се решат претходно и оти Бугарија нема да прави компромис со своите национални интереси.
Шефицата на дипломатијата во Бугарија, бугарската Влада не реагирала официјално за изучувањето на српскиот јазик во С. Македонија затоа што тоа е внатрешно прашање.
Министерката за надворешни работи на Бугарија, оцени дека „меѓу двете држави нема нормален пат, нема железничка линија и се создаваат административни пречки пред бугарски компании во Северна Македонија, што сакаат таму да инвестираат“.
Исто така, таа потврди дека Бугарија била сојузник на Германија за време на Втората светска војна и дека имало Закон за заштита на нацијата, но бугарскиот народ, дел од пратениците, бугарската Црква и интелектуалци, биле причина да бидат спасени бугарските Евреи од депортација.
Според Захариева, единствената нација во учебниците по историја во Северна Македонија што е претставена како фашистичка е бугарската.
„Јас не мислам дека бугарскиот народ е фашистички народ. Тогаш и Италијанците и Албанците исто така треба да бидат посочени како фашисти, затоа што и тие биле сојузник во оној историски момент на Германија“, посочи Захариева.