Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска иронично ги коментираше обвинувањата на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков дека за неговото заминување е виновна и руската амбасадорка Елеонора Митрофанова и рече дека на списокот на „виновници“ недостасуваат уште некои фиктивни филмски ликови.
– Недостасуваат само уште Бетмен и жената-мачка. Мислам, човекот се измори, почна да блада– иронично рече Захарова, пренесува „Спутник“.
Откако бугарскиот парламент ѝ изгласа недоверба на Владата на Петков, тој обвини тројца политичари и Митрофанова.
Петков ги прозва бизнисменот и поранешен пратеник Дељан Пејевски, лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов и Слави Трифонов, чија партија „Има таков народ“ претходно ја напушти владејачката коалиција.
Партијата ГЕРБ иницираше гласање недоверба на владата.
Радио станицата БНР објави дека Петков рекол дека сака да ги брани интересите на земјата, а активностите на опозициската партија „Препород“ доведоа до навлегување во руските интереси, пренесе „Спутник“.