Европската Унија повторно се вооружува и се подготвува за војна со Русија, слично како што тоа го правел Третиот Рајх, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на денешниот брифинг.
„Европската Унија, покриена со темни дамки, под изговор на таканаречени закани од Истокот, како што некогаш тоа го правеше Третиот Рајх, повторно се ремилитаризира. Не го крие тоа и отворено ја нарекува нашата земја непријател. Очигледно е дека не ги научиле лекциите од историјата“, изјави Захарова.
Таа ја обвини ЕУ и либералните евроатлантски сили дека не се помириле со загубата на колониите и дека прават сѐ за да го спречат формирањето на мултиполарниот свет. „Концептот на таканаречената ‘цветна градина’, замислен во Брисел и опкружен со ‘дива џунгла’, не е ништо друго освен реинкарнација на нацистички кошмар заснован на расна супериорност“, додаде таа.
Во своето обраќање, Захарова го нагласи и историскиот придонес на сите народи од Советскиот Сојуз во победата над фашизмот за време на Втората светска војна. „Советскиот Сојуз ја понесе главната тежина на војната. Токму на Источниот фронт беше скршена воената машинерија на Третиот Рајх. Секогаш се сеќаваме на придонесот на нашите сојузници, но никогаш нема да заборавиме по која цена ја изборивме победата“, рече таа.
Захарова заклучи дека целите на таканаречената специјална воена операција ќе бидат постигнати и дека „идеологијата на омраза кон човекот ќе биде искоренета“.