Русија најостро го осудува украинскиот напад врз руски цивилен брод во Керченскиот теснец, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Најостро го осудуваме терористичкиот напад на цивилен брод кој не само што ги загрози животите на членовите на екипажот, туку може да предизвика и голема еколошка катастрофа“, објави Захарова на веб-страницата на министерството, пренесува ТАСС.
Според неа, властите во Киев не се соочуваат со осуда од западните земји и меѓународните организации, поради што применуваат се повеќе нови терористички техники, овој пат во водите на Црното Море.
Украина јавно не го коментираше инцидентот, но извор од украинската служба за безбедност изјави за Би-Би-Си дека е користен морски дрон.
Саботниот напад е втор во два дена со вакво оружје. Русија, сепак, не призна никаква штета за време на нападот во петокот.