Захарова: Израелски платеници се борат заедно со Азов

од Nikola Popovski
331 прегледи

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека израелски платеници се борат заедно со ултрадесничарската единица Азов во Украина, што дополнително ги зголеми тензиите во односите со Израел откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека Адолф Хитлер има еврејско потекло.

„Израелски платеници практично се рамо до рамо со екстремистите од Азов во Украина“, изјави Захарова за радио Спутник.

Азов дојде до израз во 2014 година, кога ултрадесничарските активисти почнаа да се борат против проруските сепаратисти во источниот регион Донбас во Украина, но потоа потпаднаа под команда на украинската армија, потсетува Франс прес.

Тие заедно со украинската армија се борат против руските војници кои на 24 февруари извршија инвазија на таа прозападна земја.

Членовите на Азов се дел од украинскиот отпор во пристанишниот град Мариупол во фабриката за челик Азовстал, кој во вторникот беше нападнат од руските сили.

Со сугерирање дека Израелците се борат заедно со единицата Азов, чии членови Русија ги смета за нацисти, Москва ја зголемува тензијата предизвикана од неодамнешните изјави на Лавров дека Хитлер имал еврејска крв заедно со други антисемитски провокации, наведува АФП.

Тие изјави беа насочени против претседателот на Украина, Володимир Зеленски кој всушност е Евреин.

Изјавите на Лавров предизвикаа гнев во Израел и израелските лидери ги нарекоа непростливи, скандалозни и ужасна историска грешка.

Руското Министерство за надворешни работи во вторникот го обвини Израел дека го поддржува неонацистичкиот режим во Киев.

Израелските медиуми наведуваат дека Захаров се чини дека алудирал на Израелци родени во Украина и израелски домородци кои отпатувале во Украина за да им се придружат на волонтерски единици по руската инвазија, иако нема извештаи дека се бореле заедно со единицата Азов.

Се верува дека стотици израелски доброволци се во Украина, но нема точни податоци.

Слични содржини