Западот, снабдувајќи ја Украина со оружје, се приближува до опасната линија на директен воен конфликт со Русија, изјави портпаролката на руското МНР Марија Захарова.
„Земјите на НАТО, како да се натпреваруваат едни со други, продолжуваат да му доставуваат оружје и муниција на режимот во Киев, го снабдуваат со разузнавачки информации, ги обучуваат војниците на режимот во Киев, даваат ориентација во водење на непријателствата, со што се приближуваат до опасната линија на директни воен конфликт со Русија“, рече таа.
Захарова додаде дека вкупната воена помош на Западот за Украина веќе изнесува 42,3 милијарди долари, од кои повеќе од половина доаѓа од САД.
Таа нагласи дека земјите „кои издвојуваат толку огромни суми пари и испорачуваат оружје на режимот во Киев се донатори, спонзори на оваа многу екстремистичка активност“. Затоа, НАТО се обидува да „обвини некого за да го оттргне сомнежот од себе“, рече Захарова.
Столтенберг: Ќе реагираме во случај на притисок врз Шведска или Финска
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска најави дека Алијансата ќе реагира доколку Шведска или Финска бидат „под притисок“ од Русија или друг противник пред да станат полноправни членки.
„Незамисливо е да не дејствуваме доколку Шведска и Финска се најдат под каква било форма на притисок“, изјави Столтенберг на заедничката прес-конференција со шведскиот премиер Улф Кристерсон, пренесува „Ројтерс“.
Кристерсон, неодамна назначениот премиер на Шведска, истакна дека неговата земја појасно и подлабоко ќе се вклучи во антитерористичките активности на НАТО.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај, но Турција веднаш го блокираше нивниот прием, барајќи од земјите да ги прогласат курдските организации за терористи и да ги екстрадираат терористите во Анкара.