Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска ги обвини британското Министерство за одбрана и британската амбасада во Москва за ширење лаги за инцидентот во Црното Море кога британски разорувач запловил во руските територијални води.
Таа ги спореди официјалните изјави на британската страна и наводите на новинарот на Би-Би-Си, кој бил на британскиот разорувач за време на инцидентот и потврди дека бродот намерно влегол во руските територијални води, пренесува ТАС С.
„Па, кој лаже: британското Министерство за одбрана, британскиот новинар од Би-Би-Си или британската амбасада во Москва? Еве го одговорот. Овој пат тоа е британското Министерство за одбрана и британската амбасада. Лондон ги изгуби своите манири. Ги советувам британските партнери да тропнат ако сакаат мирно да влезат следниот пат“, напиша Захарова на својот профил на Телеграм.
Москва денес објави дека британскиот разорувач влегол во територијалните води на Русија и дека руската Црноморска флота испукала неколку предупредувачки истрели.
Од друга страна, Лондон тврди дека бродот поминал низ украинските територијални води во согласност со меѓународното право, отфрлајќи ги наводите на Русија дека руската морнарица пукала со предупредувања.