Захарова: Западот стои зад одлуката на Подгорица да протера руски дипломати

од Stefanija Kuzmanovska
163 прегледи

Москва е убедена дека Западот стои зад одлуката на Црна Гора да протера шест руски дипломати, објави портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

Таа рече дека е јасно видлива трагата на Западот зад уште еден антируски напад во низа.

– Во последните неколку години, за политички цели, Подгорица се навикна безусловно да ја следи русофобната „политика на одвраќање“, која ја наметнаа Американците и Британците и која сега достигнува максимална брзина под изговор за настаните во Украина – истакна Захарова.

Захарова наведе дека е невозможно да се објасни како Црна Гора, која историски е поврзана со Русија со блиски и пријателски односи, станала непријателски настроена.

Според неа, изјавите за „руската закана“ веројатно имаат за цел да го одвлечат вниманието од внатрешно-политичките проблеми, бидејќи Црна Гора не дала официјално објаснување за протерувањето на дипломатите и се крие зад медиумското известување.

Министерството за надворешни работи на Црна Гора вчера соопшти дека протерува шест руски дипломати во рамки на антишпионажна истрага во таа земја.

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе одговори на протерувањето и дека работата на конзуларното претставништво на руската амбасада во Црна Гора е прекината.

Повикувајќи се на неименувани извори, црногорскиот весник „Вести“ објави дека вчера во Подгорица биле приведени неколку црногорски државјани, поради сомнение дека шпионирале за Русија.

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, потврди дека се уапсени и претресени неколку црногорски државјани.

Слични содржини