Зајкова: Лидерската средба вроди со плод, постигнат е договор за датум за одржување на изборите, останатите прашања остануваат отворени

од Radmila Tasevska
314 прегледи

Претседателката на Либерално-Демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова, денеска по лидерската средба, нагласи дека согласно партискиот став и чистиот интерес на граѓаните, е постигнат договор за датумот за одржување на изборите – првиот круг на претседателските избори да се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори.

На лидерската средба се отвориле повеќе дискусии, меѓу кои и за нужните законски измени.

„Исклучително е важно отворено да се погледнеме во очи и да си кажеме дека со крајот на годината завршува и рокот кој Европската унија и го даде на Македонија за промена на Уставот, што значи најважно е да се договориме без калкулации и тактизирање, без лажни ветувања, за сигурна и безбедна европска иднина.”, заклучува Зајкова.

Таа додаде дека уставни измени ќе има независно од тоа кога ќе се одржат изборите, а со тоа,  се запознаени и претставниците на опозицијата, но поради предизборен маркетинг, свесно го кочат процесот.

Зајкова оцени дека демократскиот и лидерски капацитет ќе се демонстрира само ако без уцени се постигне договор и за Изборниот законик, како и за евроинтеграциите, порачувајќи дека ЛДП како партија која се залага за напредок ќе даде поддршка само на она што значи прогрес во евроинтеграциите.

Претседателката нагласи дека потребно ќе биде и да се направат измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ-ОДИХР.

„ЛДП не отстапува од својот став и на денешната средба, го отвораме прашањето за една изборна единица, 50-50 проценти застапеност на жени и мажи и отворени листи, за да добиеме поправеден и поквалитетен парламентарен состав. За прашањето за техничка Влада, ќе остане да се решава за наредните избори, додека овие ќе се одржат според претходно договореното.”, појасни Зајкова.

За настапот на ЛДП и на претстојните избори, но и за тоа дали ЛДП ќе истапи со сопствен кандидат за претседателските избори, партијата дополнително ќе одлучи во рамки на телата и органите на партијата, откако ќе се поминат сите партиски процедури и ќе се изврши соодветна проценка.

Слични содржини