ЛДП е единствена партија која достави Предлог закон за измени на Изборниот законик во кој се опфатени предлозите за отворени листи, една изборна единица и дел кој се однесува на независните листи. Она што е најважно за нас се отворените листи односно граѓаните да одлучат која личност сакаат да ги застапува во Советот, а не партиите и партиските лидери. Кога би имале отворени листи за Советите не ЛДП, туку граѓаните ќе одлучат кое име ќе ги претставува и ќе има одговорност за довербата која му ја довериле, вели за „Локално“, претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова откако утре во Собранието на седница ќе се најде предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен токму од ЛДП.
Според Зајкова, настаните и праксата покажаа дека не може повеќе да одиме на избори како ништо да не ни се случува и не може сите земји околу нас да внесуваат понапредни демократски модели, а ние да одиме со застарени и да не дадеме можност граѓаните да одлучат кое име преферираат да ги застапува нивните интереси и кој ќе одговара пред нив.
-Ги повикувам сите парламентарни партии да дадат поддршка на предлогот бидејќи со ова не добиваат ЛДП, ДОМ или ДС туку добиваат граѓаните. Моќта на граѓаните не треба да не плаши, децидна е пратеничката.
На прашањето кои се можните последици ако Собранието остави правна празнина за независните листи за локалните избори, Зајкова посочува дека во принцип секоја правна празнина овозможува низа злоупотреби и широки толкувања кои како правник навистина смета дека не се потребни.
-Мора да има концизна законска норма која ќе овозможи фер изборен натпревар. На крајот од денот независните листи се потребни заради демократскиот дух на државата и не смее да оставиме неизвесност, но и да оневозможиме на граѓаните да бидат претставени на локално ниво согласно нивниот избор. И тука ќе се навратам на отворената листа да ги имаме овие листи – тогаш нема да биде важно кој на чија листа ќе се најде и под кој број, но ќе се цени квалитетот и резултатите што ќе ги оствари за граѓаните и неговото место на живеење, истакнува лидерката на ЛДП.
Соговорничката се согласува дека отворените листи ќе стават крај на клиентелизмот и полтронството кога многу лица се наоѓаа на изборните листи само затоа што се блиски до партискиот лидер.
-Апсолутно да. Тогаш партискиот лидер може да намести свои фаворити на првите места, но може да влезе тој што е на 20 место, а да не влезе вториот во зависност од тоа кого преферираат граѓаните и тука паѓа моќта на лидерите, а расте граѓанската. Ние имаме пример од нашата сестринска партија во Тузла каде младиот Омер беше последен на листата, но согласно преференциите на граѓаните беше избран како прв нивни посакуван кандидат во Советот, наведува Зајкова.
Според пратеничката, ЛДП има лошо искуство од постојаниот изборен модел кога освои гласови и за 3 пратеници, но остана вон парламентарна партија. Како што нагласува, со постоечкиот изборен модел факт е дека борбата однапред е нееднаква односно ние почнуваме натпревар на 100 метри од старт, а поголемите од 50 метри.
-Поголемите партии по број на членство тие имаат и аналитички центри, поголеми финансиски средства од државата и поголема можност да имплементираат политики па дури и да ги превземаат нашите идеи за свои. Не смее повеќе волјата на граѓаните да не е претставена согласно уставниот концепт 1 глас – 1 човек и по 30.000 граѓани да остануваат без свој репрезент во Парламентот, децидна е Зајкова.
Пратеничката ја прашавме и околу очекувањата за претстојните локални избори и како планираат како партија да настапат. Порачува дека ЛДП во моментот работи во полна пареа.
-Секоја партија се спрема пред се за самостоен настап, но доколку утврди дека одредени Програмски принципи и политики може да се исполнат ако сме здружени, не се исклучува ни можноста за одредени коалиции. ЛДП има докажан и искусен кадар кој донел видливи резултати и проекти и во Градот Скопје и во општините, но и подготвени нови имиња кои ќе бидат освежување на советничките листи. Но она за што сега сметам дека треба да излобираме заедно со граѓаните е прифаќање на концептот на отворени листи, затоа што настаните и праксата покажа дека не може повеќе да одиме на избори како ништо да не ни се случува и не може сите земји околу нас да внесуваат понапредни демократски модели, а ние да одиме со застарени и да не дадеме можност граѓаните да одлучат кое име преферираат да ги застапува нивните интереси, вели Зајкова и додава дека предвремени избори нема да променат нешто системско во општеството. Како што вели, од моите излагања може да се види дека секогаш сум поборник против предвремени избори кои трошат многу пари од државниот буџет кои се пари за граѓаните и имаме нефункционалност на системот од нивно распишување до одржување.
-И во минатото говорев и тоа се покажува во праксата дека со предвремени избори нема со магично стапче да ги решиме проблемите, напротив само одолговлекуваме. Граѓаните пред точно една година го кажаа својот став сега е време да се работи и да им се испорачаат назад ветувањата, реформи и да се обезбеди напредок на државата. По однос на резултатот верувам во мудроста на нашиот народ така што тој ќе цени што од тоа што му било ветено е исполнето, а што не и врз основа на тоа ќе одлучи со својот глас, без оглед на што, било која од партиите се надева. Партиите треба да работат за граѓаните и државата, а граѓаните да препознаваат кој навистина прави нешто во нивен интерес и тоа да го наградат на избори, заклучува претседателката на ЛДП.
Политичките партии во Македонија го поддржуваат предлогот за една, наместо шест изборни единици, но секоја партија, смета дека потребна е дебата пред конечна одлука. Од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваат ваквата промена и дополнување на Изборниот законик, под услов, да гласа и дијаспората. Од владејачката партија апелираат, вратите за договор и дебата се отворени, додека од СДСМ, пак, изразуваат подготвеност за разговори.
-При секоја потенцијална промена на Изборниот законик и реорганизација на изборните единици, треба да се внимава за да нема етнички реперкусии, велат од владиниот коалициски партнер ВЛЕН. Додаваат дека тие, во моментов, го градат заедничкиот став по ова прашање.
И ДУИ поддржува измени во Изборниот законик, со цел формирање една изборна единица. Тие се залагаат и за отворени листи, со изборен праг од 3 до 5 проценти. И од партијата Демократски сили на Ромите, се согласуваат со идејата за една изборна единица. Информираат и дека на претстојните парламентарни избори, повторно ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ.
Н.П.