Закерберг инвестира 3,4 милијарди долари за развој на науката

од Vladimir Zorba

Компанијата што ги води филантропските работи на извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг и неговата сопруга Присила Чан, ќе инвестира околу 3,4 милијарди долари за подобрување на здравјето на луѓето во следните 10 до 15 години, изјави портпаролот на организацијата.

Иницијативата Чан Закерберг (CZI) синоќа објави податоци за плановите за поддршка во таа област, чија цел е набљудување, мерење и анализа на биолошкиот процес низ човечкото тело.

Организацијата, која има мисија до крајот на векот да ги лекува, спречи или управува со сите болести, изјави дека во следните 10 години својата научна работа ќе ја насочи кон развој на нови истражувања, институти и технологии кои ја помагаат нејзината мисија.

Портпаролот на CZI, Џеф Мек Грегор рече дека ќе бидат дадени 500 милиони долари за формирање на институт на Универзитетот Харвард кој се фокусира на вештачката интелигенција. Институтот, кој ќе ги добива овие средства во следните 15 години, ќе го носи името на Карен Кемпнер Закерберг, по мајката на Марк.

Портпаролот рече дека меѓу 600 и 900 милиони долари ќе бидат наменети за новиот институт за биомедицинско снимање, а една милијарда долари за мрежата Chan Zuckerberg Biohab, нова иницијатива што ги обединува научните институции да работат на „големите научни предизвици“, јавува АП.

Другата компанија на Закерберг, Фејсбук, неодамна го промени своето име и лого, а новото име е Мета Платформс Инк.

Слични содржини