Законот за самоопределување стапи на сила: Германија овозможува годишна промена на пол и име

од Илинка Илиоска
13 прегледи

Во петокот во Германија стапи на сила Законот за самоопределување, кој им овозможува на граѓаните да го менуваат своето име и пол во женско, машко или различно со изјава во матичната служба еднаш годишно, трета опција за пол која веќе постои според германскиот закон.

Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар со бројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.

На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години, родителите треба да поднесат изјава до писарницата.

Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.

„Со примената на Законот за самоопределување, конечно стана реалност едноставна промена на полот и името“, изјави германската министерка за семејство, стари лица, жени и млади Лиза Паус, член на Зелените.

Германскиот квир комесар Свен Леман, исто така од Зелените, рече дека Германија се приклучила на групата земји кои им дозволуваат на луѓето да го менуваат полот и името без да се гледаат како болни.

Слични прописи веќе постојат во 16 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Нов Зеланд, Ирска и Швајцарија.

Со стапувањето во сила на Законот за самоопределување во Германија, контроверзниот Закон за трансродовите лица од 1980 година, кој пропишуваше долга процедура за промена на полот во документите, се укинува.

Тоа значело и два психолошки извештаи, од кои секој чинел по илјада евра, а во кои требало да се одговорат бројни прашања „кои премногу навлегуваат во интимноста“. Федералната влада оцени дека повеќе нема оправдување за ова.

Според новиот закон, ќе може да се менува полот во документите и без „вистинска“ промена на полот.

Министрите кои го претставија новиот закон велат дека не очекуваат многу луѓе да ја искористат можноста за промена на полот во неколку наврати, а сметаат дека тоа ќе биде само 1 до 1,5 отсто од луѓето.

За промена на регистрацијата на полот и името, доволна е само изјава во матично – без извештаи, лекарски уверенија или судски наредби.

За регистрација е потребен период од три месеци. Апликациите за промена се можни од август. Според истражувањето на весникот „Билд“, околу 6.000 луѓе веќе се пријавиле дека сакаат да го променат полот кога ќе стапи на сила новиот закон.

Слични содржини