Заменик-градоначалникот на Бахмут, Олександар Марченко, изјави дека во градот траат уличните борби меѓу украинските и руските сили, додавајќи дека руските сили се уште не ја презеле контролата врз градот.
Марченко за Би-Би-Си изјави дека единствената цел на руските сили, како што наведе, е „убивање луѓе и геноцид врз украинскиот народ“, додавајќи дека тактиката што ја користат Русите е тактика на „изгорена земја“.
„Тие сакаат да го уништат Бахмут, сакаат да го уништат градот… и искрено не можам да разберам зошто го прават тоа“, додаде Марченко.
Тој не можеше да каже колку цивили има во градот, но додаде дека верува дека има околу 4.000 или 4.500.
Според него, оние кои се во Бахмут живеат во засолништа, без вода, гас и струја. Марченко рече дека Бахмут е речиси уништен и дека нема ниту една зграда недопрена.
Основачот на руската приватна паравоена организација „Вагнер“, Евгениј Пригожин, вчера изјави дека руските сили практично го опколиле Бахмут и дека киевските сили имаат само еден излез од тој град во Украина.
Бахмут е важен транспортен центар преку кој се снабдуваат украинските војници на истокот на земјата.