Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени на својот Фејсбук профил објави дека ќе има дисциплинска постапка против службеникот на МВР кој го фрлаше знамето на Албанија.
„Секој службеник на МВР има обврска да ги почитува законите и симболите на сите заедници во Република Северна Македонија. Непочитувањето на тие обврски ќе биде санкционирано без исклучок.
Законите ќе се применуваат подеднакво за сите, а институциите ќе бидат гарант за почитување на меѓусебната толеранција и правата на сите заедници.
Според член 319 од Кривичниот законик, секој што со намера ќе поттикне раздор, нетрпеливост или омраза преку сквернавење или уништување на национални или верски симболи, ќе сноси кривична одговорност. Нема да дозволам ваквото однесување, особено кога доаѓа од вработен во Министерството за внатрешни работи, да остане несанкционирано.
Како заменик министер за внатрешни работи, јас недвосмислено го осудувам секое сквернавење или неуважување на државните и националните симболи на Република Северна Македонија, без разлика дали станува збор за знамињата на Македонците, Албанците или на која било друга заедница.
Вчера сите заедно го осудивме чинот на сквернавење на државното знаме на Република Северна Македонија, потврдувајќи ја нашата посветеност на соживотот и меѓусебното почитување. Денес исто така го осудувам и потврдувам дека ќе има одговорност за службеник на Министерството за внатрешни работи кој постапил на навредлив и неприфатлив начин кон знамето кое е национален симбол на Албанците, знаме кое е законски регулирано за употреба согласно важечките правни норми во нашата држава“, вели Исени.