Замок стар 2000 години уништен во земјотресот кој ги погоди Турција и Сирија

од Radmila Tasevska
161 прегледи

Кога силен земјотрес ја погоди централна Турција и северозападна Сирија во понеделникот, 6 февруари, предизвика огромни разурнувања. Со јачина од 7,8 степени, тоа беше најсилниот земјотрес што ја погодил областа во најмалку еден век. Потресот, кој траеше неколку часа потоа, можеше да се почувствува дури и во Грција и Либан. Повеќе од 35.000 луѓе загинаа за време на природната катастрофа, а илјадници згради беа уништени.

Еден од најтешко погодените градови бил Газиантеп, пишува MyModernMet.

Овој турски град, кој се наоѓа на 80 километри од епицентарот на земјотресот Кахраманмараш, остана уништен. Меѓу зградите кои се урнаа беше и замокот Газиантеп стар 2.000 години. Овој историски замок бил изграден во вториот и третиот век од нашата ера за време на Римската империја.

Турската новинска агенција Анадолу објави дека „некои од бастионите во источните, јужните и југоисточните делови на историскиот замок Газиантеп во централната област Шахинбеј се уништени во земјотресот, а остатоците се расфрлани на патот“.

Тие и понатаму наведуваат дека дел од железните огради на замокот биле расфрлани по тротоарите и дека на бастионите се појавиле големи пукнатини.

Помеѓу првичниот земјотрес и последователните потреси – од кои едниот беше со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, постои голема загриженост за културното наследство на областа.

Фотографиите од Газиантеп го покажуваат замокот кој се распаѓа, кој беше популарна туристичка дестинација во која се наоѓаше панорамскиот музеј на одбраната и херојството на Газиантеп.

Замокот, кој бил проширен за време на Отоманската империја, не бил единственото културно место оштетено од оваа природна катастрофа. Погодена е и блиската џамија Ширвани. Во оваа џамија од 17 век, источниот ѕид и куполата се урнале поради земјотрес.

Во меѓувреме, во Сирија од земјотресот беше оштетен и историскиот град Алепо.

Државниот завод за антиквитети потврди дека е погодена античката градска цитадела. Се урнале делови од османлиската воденица во внатрешноста на цитаделата, а делови од одбранбените ѕидини се срушиле и пукнале. Дополнително, бил оштетен и влезот во цитаделата, а се урнала и куполата на едно од минарињата на џамијата Ајубид – која се наоѓа во внатрешноста на тврдината.

Како што продолжуваат спасувачките напори, отежнати од лошите временски услови, Светската здравствена организација предупреди дека бројот на загинати може да се зголеми.

Во 1999 година, во земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтер во близина на Истанбул загинаа 17.000 луѓе, а последиците од овој земјотрес однесоа повеќе од 35.000 животи и сè уште предизвикуваат голема загриженост.

Турција се наоѓа на раседот во Анадолија, што ја прави една од најранливите области за активни земјотреси. Милиони живеат во областа, која исто така бележи зголемување на бројот на Сиријци кои бегаат од граѓанската војна во нивната земја.

Слични содржини