Замрзнатите цени ќе го „замрзнат“ домашното производство

од Vladimir Zorba
373 прегледи

Замрзнатата цена на дел од прехрамбените производи ја намали понудата. Во многу од  месарите веќе го нема јунешкото месо, а се погласни се и предупредувањата дека ќе се ограничи количината на белиот, таканаречен народен леб.

За производителите ова е само еден во низата негативни ефекти, бидејќи следните чекори ќе бидат затворање на некои од бизнисите и отпуштање на вработените. По исцрпувањето на залихите,  во моментов таложат загуби и се обидуваат да опстојат на пазарот.

Ситуацијата е тешка секаде,но тоа е особено кај производителите на пилешко месо, вели Тони Димевски кој со децении наназад се бави со овој бизнис.  „Храната е покачена за 60% во однос на  лани, струјата е исто така поскапа, реагенсите ( греењето) кај пилињата се исто така многу покачени, па во овој момент не е издржливо работењето“, посочува  Димевски за „Локално“.

Според него, државата треба да ги замрзне цените на основните продукти (лебот и млекото), но  да најде начин како да ги субвенционира млиновите или пекарите. Предупредува дека списокот на производи на кои Владата одлучи да им ги замрзне цените е навистина преширока поради што некои бизниси ќе се затворат. Проблем е вели и фактот дека фирмите нема да можат да земат кредит за да опстојат бидејќи ќе станат неликвидни.

Последиците, според него ќе бидат од широки размери бидејќи на крајот ќе влијаат на вкупната економија на земјата. „Можеби негативните ефекти нема да бидат толку силно почувствувани до летото, но веќе од наредната година ќе имаме индустриски пад. Минатиот месец тој беше значителен, а знаеме дека еден од основните двигатели на индустријата е храната бидејќи тоа е нешто што најмногу го трошиме. Наместо да го зголемуваме обемот на производство ние го намалуваме и се враќаме на ситуација од пред 10 години“, вели Димевски.

Предупредува дека доколу продолжи ваквата ситуација, државата веќе од следната година ќе биде принудена да врши увоз на најголемиот број прехрамбени продукти.

Загуби во работењето регистрираат и производителите на леб и бели пецива. Во особено тешка состојба се помалите пекарски капацитети а дел од нив веќе ставиле клуч на врата. „Единствениот спас е да се преорентираме на производи чии цени не се замрзнати.Тоа значи производство на поголеми количини на специјални лебови ( со житарки и семки)“, вели за „Локално“ еден од производителите.

Ова според него практично значи дека постепено ќе се намалува количината на произведениот бел (народен) леб кој е еден од „чуварите“ на социјалниот мир во државата. Покрај зголемувањето на цената на струјата, како еден од основните трошоци ја почува високата цена на брашното која беше покачена пред замрзнувањето на цените.Во моментов килограм наменско брашно за бурек изнесува 33 денари , а обичното  чини 25 денари. „Паралелата  со цените  на лебот и белите печива се доволна потврда за апурдноста на ситуацијата“, вели производителот.

Единствен спас производителите на производи со замрзнати цени препознаваат во Владата, но оттаму досега не добиле никаква помош. „Кога го планирале моментот на замрзнување на цените требало да предвидат  што ќе се случи со индустријата која ќе ги почувствува последиците од замрзнување на цените. Станува збор за ултиматум кој нема врска со пазарна економија“, коментира Димевски.

Смета  дека целиот процес треба да го превземе Регулаторната комисија и таа да ги одредува цените. Од неа треба да биде понудена и можноста  за договор според кој производителите треба да  добијат 15-20% добивка. За нив е неразума постоечката ситуација во која на производителите им се наметна борбата со  последиците од покачувањето на реагенсите и струјата иако  како што велат станува збор за  глобален проблем со кој треба да се соочи државата.

Како неопходна ја посочуваат потребата од Стратегија која според нив требала да биде донесена уште на почетокот на процесот на поскапување на храната. Како пример за успешно справување со последиците ја издвојуваат  Германија, каде наместо замрзнување на цените, државата  ги субвенционира трошоците за дел од прехрамбените производи.

К.В.С.

Слични содржини