Замрзнување на цени, субвенционирање, намалување на ДДВ – Како да се заштитиме од ценовните шокови?

од Vladimir Zorba
1,5K прегледи

Во исчекување на утрешната одлука на Регулаторната комисија за утврдување цени на нафтените деривати , граѓаните веќе стравуваат од ново поскапување. Барањата за државна интервенција стануваат се погласни, а моделите се бараат во другите земји чии влади веќе почнаа да превземаат мерки во насока на ограничување на „дивеењето“ на цените на горивата.

По одлуката да ја замрзне цената на горивата за 30 дена, хрватската влада вчера објави дека не ја исклучува можноста и од намалување на трошарината (се наплатува прометот или потрошувачката на одредени ставки, особено стоки за широка потрошувачка) и на данокот на додадена вредност.

Дали и кои од овие мерки би имале најголем успех во нашата држава, „Локално“ побара одговор од универзитетските професори Марјан Петрески и Антон Чаушевски.

Прашањето дали Македонија треба да ги замрзне цените на горивата кои по последните корекции повторно поскапеа и сега бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава за 75,50 денари/литар, а ЕУРОДИЗЕЛ БС за 67,50/литар, според професорот Чаушевски е условено од неколку фактори. Основен е како што вели економската моќ на државата.

„Оваа мерка зависи од тоа колку е државата способна да го издржи тој удар“, вели Чаушевски посочувајќи дека секако дека би било добро доколку е тоа можно. Како една од опциите го наведува намалувањето на акцизата.

Владата во тој случај би требало да се откаже од акцизата во одреден процент, односно од некои 3-4 денари на пример.

Мерки во насока на помош на граѓаните и стопанството поради експлодирачкиот раст на цените на горивата, енергенсите и речиси сите производи почнаа да разгледуваат и останатите држави. Претседателот на Здружението на потрошувачи на енергија на Германија побара државата дополнително да го субвенционира греење за сиромашните, како и да им забрани да се исклучат од мрежата доколку не можат да ги покријат трошоците Дел од земјите одлучија да учествуваат во кофинасирање на трошоците во стопанството…

Според универзитетскиот професор Марјан Петровски, во низата опции замрзнувањето на цените не треба да биде избраната алтернатива, или барем не кај нас.

„Не сум убеден дека механизмот на замрзнување на цените може да функционира, особено не на долг рок“, дециден е Петрески. Според него, треба да се има предвид дека замрзнувањето може да предизвика недостиг на производите на пазарот.

„Веројатно одреден исклучок од ова е цената на струјата, која може во одреден но не и неограничен период да се држи „замрзната“, меѓутоа тоа го гледам само како решение за во тој период владите да преземат мерки за зголемување на сопственото производство и за евентуално прилагодување на социјалните пакети за ранливите категории домаќинства“.

Проблемот, според него, нема да се реши доколку во услови на замрзната цена се прави увоз на струја по висока и растечка цена. Во тој случај, вели, во крајна линија товарот повторно паѓа врз даночните обврзници.

Владата неколкупати досега посочи дека будно се следи ситуацијата во делот на глобалниот синџир на снабдување, посебно со прехранбените производи и, дека ако е потребно, ќе се искористат механизмите за да нема ценовни шокови. Поентата на смирувачките тонови е во насока на ветувањето дека граѓаните и стопанството нема да останат на цедило.

„Ќе креираме политики, ќе ги активираме државните резерви, тука е и инструментот репрограмирање на Буџетот за да интервенираме таму каде што ќе биде потребно, како што ги помогнавме економските последици од пандемијата“, потенцираше премиерот Заев во едно со неговите последни интервјуа.

К.В.С.

Слични содржини