Британскиот премиер Кир Стармер денес изјави дека Западен Балкан е местото каде што „се тестира стабилноста на Европа“, отворајќи го самитот на Берлинскиот процес во Лондон, посветен на миграцијата, безбедноста и економскиот развој во регионот на Западен Балкан, објави ДПА.
„Регионот е опишан како раскрсница на Европа, но толку често бил и место каде што безбедноста на нашиот континент била ставена на тест“, рече Стармер во својот говор пред лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.
На форумот, кој е дел од Берлинскиот процес, започнат во 2014 година за да се помогне интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во ЕУ, присуствуваат и германскиот канцелар Фридрих Мерц, австрискиот канцелар Кристијан Штокер, претставници на Франција, Грција, Италија и Европската комисија, како и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски. Средбата се одржува во Ланкастер Хаус, државна резиденција во центарот на Лондон, објави ДПА.
Стармер нагласи дека разговорите ќе се фокусираат на спротивставување на „малигното влијание“ на Русија, борба против корупцијата и справување со нелегалната миграција. Тој рече дека Западен Балкан долго време е „витална транзитна рута за криминални банди вклучени во трговија со луѓе“ што претставуваат закана за безбедноста на Европа.
Велика Британија бара договори со земјите во регионот за воспоставување таканаречени „центри за враќање“ каде што барателите на азил на кои им е одбиен статус на азил можат да бидат задржани пред да бидат депортирани. Косово изрази подготвеност да биде домаќин на вакви центри, додека Албанија и Црна Гора ја отфрлија идејата. Албанскиот премиер Еди Рама рече: „Никогаш во Албанија“, а неговиот црногорски колега Милојко Спајиќ наговести дека ќе ја разгледа можноста само ако Велика Британија значително инвестира во железничката инфраструктура.
Според Лондон, околу една четвртина од мигрантите што стигнуваат до бреговите на Велика Британија во мали чамци преку Ламанш минуваат низ регионот, потсетува Ројтерс. Минатата година, мрежите за шверц шверцувале околу 22.000 луѓе преку патиштата низ Балканот. Како одговор, Обединетото Кралство објави нови санкции против криминални групи со седиште во Косово и други земји, вклучувајќи ја косовската мрежа за фалсификување документи „Красниќи“ и хрватската компанија „АЛПА Трејдинг ФЗКО“, осомничена за финансирање на трговија со луѓе, објави АП.
Стармер потврди дека Велика Британија ќе го продолжи своето учество во мировната мисија на НАТО КФОР во Косово за уште три години – до крајот на 2028 година, објави ДПА. Земјата е дел од силите од 1999 година.
Форумот се одржува во контекст на зголеменото внимание на ЕУ кон проширувањето по руската инвазија на Украина, соопшти германската агенција. Единствената земја во регионот што веќе е членка на ЕУ е Хрватска, додека другите шест се во различни фази од нивниот европски пат.