Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против две лица осомничени дека сториле кривични дела – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1, како и Предизвикување општа опасност од член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-На 18 март, во казино на улицата „Илинденска“ во Тетово, двајцата осомничени започнале да играат на апаратите за среќа. Откако изгубиле поголема сума пари, најпрвин започнале вербална расправија со припадниците на агенцијата за обезбедување на објектот. Потоа со столици и други предмети започнале да ги кршат апаратите и инвентарот во казиното. Обезбедувањето пријавило во полиција, па на местото дошле и двајца полициски службеници.
Осомничените се вратиле во објектот со пластични шишиња со бензин. Полициските службеници ги предупредиле да не влегуваат во објектот, но наредбата не ја послушале. Напротив, кон полицајците упатиле погрдни зборови и закани дека ќе ги запалат. Оттурнувајќи ги полициските службеници, осомничените започнале да истураат бензин врз тепихот, предметите, но и врз присутните полицајци и припадници на обезбедувањето. Го запалиле бензинот со запалка, по што избувнал пожар во внатрешноста на казиното, а од огнот бил зафатен и дел од униформата на еден од полициските службеници. Веднаш потоа осомничените го напуштиле местото на настанот, соопштија од ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, по што со решение на Судот им е определена мерка притвор во траење од 8 дена. За едниот осомничен мерката е веќе ефективна, додека за другиот ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.