Холандска телевизиска мрежа сними како цариниците конфискуваат сендвичи со шунка и друга храна од возачите кои пристигнуваат во Холандија од Велика Британија, според правилата по Брегзит.
Официјалните лица им покажаа на возачите на камиони објаснување за регулативите за увоз што стапија на сила откако Велика Британија го официјализираше одвојувањето од Европската унија, четири и пол години по референдумот.
Според правилата на ЕУ, на патниците надвор од европскиот блок им е забрането да внесуваат месо и млечни производи.
Правилата како да збунија еден возач.
„Од Брегзит, веќе немате дозвола да носите одредена храна во Европа, како што се месо, овошје, зеленчук, риба и такво нешто“, му рече холандскиот граничен службеник на возачот во видеото емитувано од ТВ-мрежата НПО 1.
Во друга снимка, царински службеник го прашал возачот дали има месо во неколку од неговите сендвичи завиткани во алуминиумска фолија.
Кога возачот рече да, граничниот службеник рекол: „Добро, ќе мораме да одземеме сè“.
Изненаден, возачот потоа ги прашал службените лица дали може да го задржи лебот, на што тој одговорил:
„Не, сè ќе биде одземено – добредојдовте во Брегзит, господине. Навистина ми е жал“.
Забраната стапи на сила на полноќ на 1 јануари, кога Британија го заврши транзицискиот период и формално се раздели од Европска Унија. Од тој момент, Британија престана да ги следи правилата на Унијата.
Од тој ден, Велика Британија престана да биде дел од ЕУ и нејзините правила и стандарди, а стапија на сила новите аранжмани за патување, трговија, имиграција и безбедносна соработка.
Трговскиот договор со ЕУ беше договорен на 24 декември, а една недела подоцна, британските законодавци го ратификуваа.
Излезот на Велика Британија од ЕУ значи и големи промени во начинот на водење бизнис.