Започна кампањата „Мој труд, мои права“: Целта е навремена и превентивна порака до младата работна сила

Денес стартуваше кампањата „Мој труд, мои права“, во рамки на пораките кои се испраќаат а се во однос на познавањето на работничките права, што е всушност прв чекор кон нивно успешно практикување, поради што е потребно зголемување на јавната свест на работниците, младите и работодавачите за нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос.

Кампањата ќе опфаќа активности со кои ќе им се овозможи на младите да се информираат, непосрено пред да станат работна сила, но тука се и сите вработени лица, оние кои бараат работа, како и работодавачите кои ќе бидат информирани за своите права и обврски предвидени со Закон.

Оваа кампања ќе биде активна во рок од шест месеци и истата ќе се пласира низ целиот медиумски простор, со цел да се понудат достапни и детални информации врзани за работничките права.

„Оваа кампања е од големо значење за информирањето и запознавањето со работничките права и обврски затоа што да се бори за своите права и да бара заштита, може само оној кој е добро информиран и запознаен со нив“, посочи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на прес-конферецијата.

Таа додаде и дека е од особена важност што идејата и иницијативата за темата која ќе биде во фокусот на оваа претстојна кампања за подигнување на свеста за работничките права, доаѓа од Економско-социјалниот совет, кој, како што рече, континуирано работи на подигнување на нивото и на квалитетот на социјалниот дијалог, на ефикасноста и ефективноста на процесот на соработка и консултации помеѓу работодавачите, работниците и Владата за сите важни политики и прашања кои задираат во економско-социјалната сфера.

Во рамки на денешниот настан, се обрати и Никола Бертолини кој посочи дека кампањата ќе има за цел да ги информира младите со правата и обврските кои произлегуваат од Законот за работен однос.Истакна и дека предизвиците кои ќе се адресираат во кампањата изискуваат ангажираност и од локалните чинители да се зајакнат и да се информираат младите, да имаат повеќе информации пред или откако ќе најдат работа, за плата, за работно време, отсуства, безбедност и здравје при работа, дискриминација, мобинг, социјална сигурност и решавање на спорови.

Во оваа насока, и директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренческа истакна дека овој проект е од исклучителна важност, особено поради фактот дека искуството покажало дека превенцијата и информираноста даваат подобри резултати во сузбивањето на сивата економија, отколку репресивната политика.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров пак, смета дека треба да има казни за непочитување на правата, но, оти треба да бидат соодветни на направената повреда. Согласен е дека многу може да се постигне и со информираноста и на работниците и на работодавачите и оти во тој контекст кампањата е вистински погодик и еден од начините за подобрување на состојбите.

Дарко Димовски пак, инаку претставник на ССМ потенцира дека активно се вклучени во кампањата „Мој труд, мои права“, и сметаат дека брзата достапност и информацијата е од особено значење за подигнување на свесноста на работниците и граѓаните за нивните права од работен однос.

Слични содржини