Започна процесот за креирање на новата Национална стратегија за млади 2023-2027 година. Денеска во Скопје се одржа првата конференција, со која се означи почетокот на процесот на создавањето нов стратешки документ, кој ќе ги исцрта приоритетните младински политки во државата. Над 150 млади лица, преставници на институции, граѓански организации заеднички ја формулираа визијата за позицијата на младите во следниот петгодишен период. Носител на процесот на креирање на стратегијата е Агенцијата за млади и спорт.
„Оваа стратегија има цел да го подобри животот на младите во Северна Македонија. Денес младите учествуваат во креирањето и спроведувањето политки кои директно ги засегаат преку еднакви шанси, слобода на изразување, зголемување на квалитетот на живот, повеќе и поквалитентни работни места и со тоа продолжуваме да креираме услови за да ги задржиме младите тука“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Младите се во фокусот на креирањето на стратегијата како полноправни учесници.
„Кога се говори за младите, мораме да знаеме дека станува збор за навистина хетерогена група, чиишто припадници меѓусебно се многу различни. Имаат различни животни искуства, проблеми и потреби“, изјави Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци.
Славчо Темелковски, претседателот на Сојузот на студенти ја истакна важноста на квалитетното образование и на активизмот. „Не смееме да дозволиме сервилноста да стане одлика на студентите, напротив мора да се врати оној студентски, борбен дух, кој многупати во минатото знаел да биде иницијалната точка кон значајни пормени во општеството“.
Процесот на креирање на Стратегијата за млади е поддржан од меѓународната заедница односно Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Претставниците на овие меѓународни организации ја потенцираа важноста за активно младинско учество во сите јавни сфери.
Шефот на Mисијата на ОБСЕ, Амбасадорот Клеменс Која изјави дека „младите жени и мажи мора да имаат место на маса кога носителите на одлуки разговараат за прашања од интерес за младите“, и ги повика младите во земјата „…активно да учествуваат, да ја споделат својата визија и нивните ставови, да изразат мислења и отворено да разговараат за нивните грижи со властите за тоа какви треба да бидат националните политики за млади во следните пет години“.
Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП истакна: „Треба да го искористиме моментумот на креирање на Националната стратегија за млади како основа за охрабрување на младите да бидат „архитекти“ на својата иднина. Верувам дека ако младите се двигатели на промените кои стојат на првите линии, ќе успееме да изградиме подобра иднина за сите.“
„Денес во светот живеат повеќе од 1,8 милијарди млади на возраст 10-24 години, што всушност претставува речиси една четвртина од светското население. Многу значајна категорија на населението, не само поради бројката, туку и поради фактот што иднината на светот лежи во младите. Младите се клучен дел од демографските движења и градењето на демографската отпорност. Тие ќе бидат клучен дел и во новата национална демографска стратегија, која ќе се развива со поддршка на УНФПА. Инвестицијата направена во секој млад човек, значи инвестиција која ќе влијае на неколку генерации во исто време, а ќе значи и дефинирање на иднината на светот“ порача Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, вршител на должност Шеф на канцеларијата на Фондот за население (УНФПА).
Во следниот период е планирано одржување работни групи на осум теми: младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништо и безбедност (насилство). Целиот процес ќе биде проследен со широка консултација со младите лица преку социјалните медиуми и разни дигитални алатки под мотото „вклучи се“. Се очекува Националната стратегија за млади да биде финализирана до крајот на декември годинава.