Започна реконструкција на улицата „Никола Карев“ кај Железничка

од Nikola Popovski

Град Скопје со општина Центар денеска започна со реконструкција на улицата „Никола Карев“, на потегот од крстосницата со ул. „Трета Македонска бригада“ до бул. „Кузман Јосифовски Питу“. Вредноста на проектот изнесува околу 15 милиони денари, а рокот на изведба е 30 календарски денови.

„Оваа улица заедно со улицата „Есенинова“, чија реконструкција започна минатата недела, ќе го нормализираат сообраќајот во овој дел од градот и ќе го скратат времето за движење во општините Центар и Аеродром. Се води сметка и за велосипедистите и корисниците на останатите видови алтернативен сообраќај – ќе бидат изведени нови велосипедски патеки кои ќе ги спојат вело патеките на булеварите „К.Ј. Питу“ и „3-та Македонска бригада““, објави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изрази очекување, „Никола Карев“, како и сите останати улици да биде завршана и порано од предвидениот рок.

Тој упати апел до граѓаните за малку трпение додека траат реконструкциите и целосно почитување на времениот сообраќаен режим кој гарантира максимална безбедност на сите учесници во сообраќајот.

„Одржливата урбана мобилност останува наш врвен приоритет во сообраќајот, а тоа разбира развиена улична мрежа со оптимален број на пешачки и велосипедски патики, развиен јавен транспорт и повисоко ниво на сообраќана култура“, заклучи Шилегов.

Слични содржини