Започна реставрацијата на зградата на „Пошта“ – еден од најзагрозените споменици во Европа

од Andreja Salpe
359 прегледи

Не смееме да дозволиме нашата негрижа да биде пострашна од пожарот, вели директорот на АД „Пошта“, Јани Макрадули, додека евроамбасадорот Дејвид Гир нагласува дека впишувањето на објектот на листата загрозени наследства е порака до домашната власт и до меѓународниот фактор за дејствување.

Почнува процесот на враќање на сјајот на архитектонската гордост на Скопје, е пораката што беше испратена на денешната прес-конференција од зградата на Главната пошта во Скопје, објект кој вчера беше прогласен за еден од седумте најзагрозени споменици во Европа за 2021 година.

Десет илјади евра се малку за реставрација на објектот, но се основа за преземање понатамошни мерки и пристап до европските фондови, изјави генералниот директор на АД „Пошта“, Јани Макрадули.

„Започнуваме со промените што граѓаните ги очекуваат. Висината на средствата може да ја толкуваме како симболична, но за нас е многу важна. Изборот е најдобра апликација кон европските фондови. Се направи првиот чекор, не смееме да дозволиме нашата негрижа да биде пострашна од пожарот. Овој почеток нека биде поттик за мобилизирање на потребната јавна, стручна, меѓународна, но и поддршка на приватниот сектор. Неопходна е институционална, техничка и кадровска поддршка од Владата и други релевантни институции, како и цела стручна јавност“, изјави Јани Макрадули, генерален директор на АД „Пошта

За евроамбасадорот Дејвид Гир впишувањето на објектот на листата загрозени наследства е порака до домашната власт и до меѓународниот фактор за дејствување.

„Ова праќа СОС-аларм до сите, до Владата, до граѓанското општество, до бизнисот и до обичните граѓани и до меѓународната заедница – да дејствуваат со цел да ја спасат оваа знаменитост. Денес е празна и запоставена, од таа причина е потребна акција. Но, тоа зависи од сите нас, колкава акција ќе преземеме. Ова им го должиме на нашите родители и на идните генерации. ЕУ останува посветена на заштита на културното наследство. Тоа е двигатели на социјалниот и економскиот раст и е интегрален дел на европското чувство на припадност“, изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ.

Листата од седум вакви најзагрозени објекти во Европа ја прави „Европа ностра – Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство“ и неговата партнерска организација, Институт на европска инвестициска банка.

На неа се и железничката пумпа на пареа во Ахенси во Австрија, Комплексот гробишта во Мирогој, Хрватска, петте јужноегејски острови во Грција, градината Џусти во Верона, Италија, манастирот во Дечани, Косово и капелата Сан Хуан де Сокуева и Ермитаж, Кантабриа, Шпанија.

Целта на оваа листа на 7-те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети – важни сведоштва за заедничкото минато, меморија и идентитет велат од „Европа ностра“, чиј борд ја направил селекцијата за оваа година.

Централната пошта е објект со модернистички и бруталистички архитектонски стил од повоената ера, финализиран во 1974 година. Изработен е од армиран бетон, во форма на цвет од лотос за да ја симболизира реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес во 1963 г.

Во 2013 година зградата ја зафати голем пожар во кој беа оштетени куполите и муралите на Борко Лазески, како и специјално дизајнираните мебел и осветлување.

Слични содржини