Започна вакцинацијата во Австралија, меѓу првите политичари

од Vladimir Zorba
286 прегледи

Вакцинацијата против коронавирус започна во Австралија денес, а членовите на владата беа меѓу првите вакцинирани. Австралискиот премиер Скот Морисон беше вакциниран со вакцината Фајзер како дел од програмата за вакцинација што започна ден пред предвидениот рок. Државата има намера да вакцинира околу четири милиони луѓе до почетокот на март.

Премиерот Скот Морисон и главниот медицински офицер во земјата Пол Кели се во мала група Австралијци кои ги примија првите дози на вакцината Фајзер-БајоНТек во Сиднеј.

Прва што ја прими вакцината за коронавирус во Австралија беше 80-годишната Џејн Мелисијак, која живее во дом за стари лица.

После тоа, мал број стари лица беа вакцинирани со првите дози во медицинскиот центар Каст Хил во западниот дел на Сиднеј, персонал за нега на стари лица и медицински сестри и работници во првата линија на борбата против короната.

Австралија веќе втор ден нема ниту едно ново заразено лице, а властите најавија дека поголемиот дел од популацијата ќе биде вакцинирана со вакцината АстраЗенека до крајот на октомври, а според проценките околу четири милиони луѓе ќе бидат вакцинирани до почетокот на март.

Вакцинацијата во земјата започнува еден ден по демонстрациите против имунизацијата во поголемите градови, Мелбурн, Сиднеј и Бризбејн. Полицијата во Мелбурн уапси неколку лица.

Според тамошните анкети, скоро 22 проценти од Австралијците немаат намера да примаат вакцина против коронавирус.

Во Австралија, инфекцијата со коронавирус е потврдена кај скоро 30.000 луѓе, додека 909 заболени починале од последиците поврзани со ковид-19.