Русија утрово побара украинските сили кои се кријат во хемиската фабрика „Азот“ во Северодоњецк да го положат оружјето и да се предадат.
Михаил Мизинцев, шеф на рускиот Национален центар за управување со одбраната, изјави за новинската агенција „Интерфакс“ дека украинските војници треба „да престанат со својот бесмислен отпор и да го положат оружјето“.
Тој вети дека цивилите ќе можат да се евакуираат преку хуманитарниот коридор – иако неговите зборови доаѓаат еден ден откако беше објавено дека два од трите моста надвор од градот се уништени, а третиот е стар и небезбеден.
Украина соопшти дека во „Азот“ биле заробени повеќе од 500 цивили и неодреден број војници.
Гувернерот на Луганск, Сергеј Гајдаи, изјави дека цивилите во „Азот“ не можат повеќе да издржат во засолништата и дека „нивната ментална состојба е на граница.
Ситуацијата потсетува на битката за фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, каде стотици борци и цивили се засолниле до предавањето во мај. Украинските војници во овој случај остануваат во руски притвор.
Гајдаи рече дека Русите контролираат околу 80 отсто од Северодоњецк и дека масовната евакуација на цивилите сега е „едноставно невозможна“.
Во Северодоњецк останаа околу 12.000 луѓе, во споредба со предвоеното население од 100.000.