Започнува најголемото судење против италијанската мафија во повеќе од 30 години, а обвинителите се надеваат дека ќе ѝ зададат удар на криминалната организација „Ндрангети“, чии пипала се шират на глобално ниво.
Повеќе од 350 наводни членови на мафијата, политичари, адвокати, бизнисмени и други обвинети ќе се појават пред судијата во голема, специјално преуредена судница во јужниот калабриски град Ламезија Терме – срцето на територијата на „Ндрангети“.
Обвинителите ќе се обидат да докажат мрежа на злосторства датирани од 90-тите години на минатиот век, која вклучува убиства, трговија со дрога, изнуда, перење пари и злоупотреба на службената положба.
Судскиот процес е „камен-темелник во градењето ѕид против мафијата во Италија“, изјави за АФП обвинителот Никола Гратери.
„Ндрангети“, која го контролира протокот на кокаин низ Европа, се смета за најмоќната криминална организација во Италија.
Новиот судски процес, со 355 обвинети и повеќе од 900 адвокати и невиден број лица вклучени во судењето, се очекува да трае најмалку една година.