Заробените Кинези во Украина: Русите нѐ измамија, сето тоа беше замка

од Nikola Popovski
148 прегледи

Двајца кинески државјани заробени додека се бореле на руската страна во источна Украина на прес-конференција во Киев изјавија дека „паднале во стапица“ што ја поставила Москва.

Двајцата мажи, чиј идентитет не е објавен, рекоа дека кинеската влада не знаела дека биле регрутирани од руската војска. Тие изјавија дека договорите ги потпишале преку посредници, пренесе државната агенција Интерфакс-Украина.

Еден од затворениците рече дека ја изгубил работата за време на пандемијата со Ковид-19 и се надевал дека ќе најде работа како воен лекар, додавајќи дека воената служба се смета за голема чест во кинеското општество.

„Кинеските власти ги предупредија граѓаните да не патуваат во воената зона. Сакав да бидам болничар. Бев ранет и се предадов“, рекол тој.

Тој додал дека кинеските власти промовираат пријателски однос кон Русија, а, според него, информациите за таа земја се искривени и се користат за привлекување кинески граѓани во војната.

„Не беше вредно. Ништо од она што ни го кажаа Русите не беше точно“, кажал тој и додал: „Јас би го нарекол стапица“.

Според извештајот на Радио Слободна Европа, Кинезите се намамени во руската воена машина со реклами на социјалните мрежи кои ветуваат високи плати и воени авантури.

Една таква реклама имало на Веибо, една од најголемите платформи во Кина, прегледана стотици илјади пати. На неа се прикажани мажи кои ги напуштаат своите работни места за да се борат за Русија и завршува со реченицата: „Ти си маж. Биди маж“.

Видеото, кое е на руски со кинески превод, нуди бонус за пријавување до 21.000 долари и месечна плата од околу 2.400 долари, што далеку го надминува просечниот приход во многу делови на Кина.

Другиот затвореник, кој тврди дека потекнува од релативно богато семејство, рекол дека пристигнал во Русија како турист.

„Никогаш не очекував да одам во војна. Не знаев речиси ништо за Украина“, посочил тој.

И двајцата изјавиле дека биле заробени на 8 април, веднаш по пристигнувањето на бојното поле и дека не учествувале во борбите ниту убиле украински војници.

Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најмалку 155 кинески државјани се борат во редовите на руската армија против Украина и дека властите во Пекинг знаат за „систематска кампања за регрутирање“ предводена од Москва.

На тие обвинувања минатата недела реагираше портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, нарекувајќи ги изјавите на Зеленски „неодговорни“.

Заробените Кинези рекоа дека сакаат да бидат вратени во татковината и дека се подготвени да се соочат со казна бидејќи кинескиот закон им забранува на нивните граѓани да учествуваат во странски вооружени конфликти од која било страна.

Кина никогаш јавно не ја осуди руската инвазија на Украина во 2022 година, а во последните три години ја зајакна економската, воената и политичката соработка со Москва.

Слични содржини