ЗАСЕГНАТИ МИЛИОНИ ГРАЃАНИ ВО ГЕРМАНИЈА: Овој проблем го оптоварува целото општество, Владата реши да помогне

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Германските власти за првпат имаат сеопфатни податоци за тема која според министерката за семејство, Лиза Паус го оптоварува целото општество – осаменоста. Владата сега сака да направи нешто околу тоа, пишува dpa.

Според новиот барометар на осаменост, самохраните родители, постарите лица и мигрантите се чувствуваат осамено почесто од другите групи на население. Податоците за барометарот, показател за тоа кој и кога се чувствува осамено, беа собрани од 1992 до 2021 година.

Според последната анализирана 2021 година, 16,4 отсто од самохраните родители се чувствувале осамено, додека во домаќинствата без малолетни деца тој удел изнесувал само 10,5 отсто. Разликата од околу шест проценти се протега во однос на претходните години.

Од професионална гледна точка, осаменоста генерално најчесто ги погодува луѓето вработени во секторот за нега.

Трендот на осаменост е генерално поизразен кај луѓето со имигрантско потекло.

Имено, во 2021 година уделот на полнолетни граѓани со мигрантско потекло кои се чувствувале осамено изнесувал 16,3 отсто, наспроти 9,9 отсто кај „домородците“.

„Милиони во Германија се чувствуваат осамено. Стана многу поакутно под пандемијата“, рече Паус на лансирањето на барометарот во четвртокот.

Таа посочи дека граѓаните над 75 години ја сочинуваат групата која е најосамена во Германија.

Податоците од 2020 година – првата година од пандемијата – сè уште не се вклучени во барометарот за осаменост. Сепак, статистиките постојат и покажуваат дека за време на „заклучувањето“, осаменоста силно ги погодила младите на возраст од 18 до 29 години.

Тогаш 31,8 отсто од нив се изјасниле како осамени, наспроти 22,8 отсто од оние над 75 години.

За барометарот, истражувачите ги обработиле податоците од репрезентативен примерок поделен во неколку категории: на пример, според местото на живеење во Западна или Источна Германија, пол, возраст итн.

Податоците од 2021 година нема да бидат вклучени во барометарот до следната година.

Паус ја опиша осаменоста како „итен проблем“ кој му штети на целото општество. Според неа, Владата сега за првпат има податоци во свои раце, според кои може да креира контрамерки.

„Сакаме да го отстраниме табуто на темата осаменост“, рече таа и најави почеток на „таргетирана кампања“ веќе во следните неколку недели.

Слични содржини