Заштедите од иницијативата „Отворен Балкан“ се околу три милијарди евра

од Nikola Popovski
445 прегледи

Регионалната поврзаност преку Отворениот Балкан дава резултати и ова е многу јасен знак дека земјите собрани околу овој договор треба уште повеќе да работат на воспоставување посилни врски, беше оценката на учесниците на дебатата во рамките на панелот на вториот ден од агробизнис конференцијата „Grow up – силата на државата“ која се одржува на Копаоник.

– Иницијативата Отворен Балкан покажа колку е важна и колку значи за сите, рече Јелена Танасковиќ, српската министерка за земјоделство, додавајќи дека оваа иницијатива ја гледаат како подготовка за влез во ЕУ.

– Само тројца членови кои се во оваа иницијатива во претходниот период заштедиле повеќе од 30 милиони часови поради договорот за слободно движење и незадржување на стоката. Според проценката на Светска банка, заштедите од иницијативата „Отворен Балкан“ се околу три милијарди евра, од кои половина одат за Србија, објаснила Танасковиќ и додала дека овие бројки несомнено покажуваат што значи здружување, пишува „Политика“.

Таа напомена дека Србија е нето-извозник на земјоделски производи и дека во претходниот период првенствено бевме извозник на суровини, додека сега работиме систематски да преминеме на извоз на готови производи со додадена вредност. Во моментов работиме, додаде таа, на усогласување и потпишување на 36 нови договори за извоз на прехранбени производи.

Таа смета дека регионалното здружување е значајно, а тоа го потврдува и присуството на нејзиниот колега на оваа регионална конференција, Љупчо Николовски, македонскиот министер за земјоделство.

Николовски рече дека Северна Македонија, како и Србија, во наредниот период е фокусирана на преработувачката индустрија и финалните производи.

– Отворен Балкан треба да се базира на темата за квалитетот на производите што ќе ги пласираме на пазарот, рече Николовски.

Тој ги посочи тутунот, виното и производите од преработувачката индустрија како најважни стратешки производи кои постигнуваат рекордни извозни резултати. Како што рече, 2020 година била рекордна во трговската размена со Србија и смета дека оваа размена ќе продолжи да расте и дека треба да се поттикнат производителите да се приклучат.

– Скратени се процедурите на чекање на граничните премини, воведено е и признавање на зелените сертификати и анализи, рече Николовски.

Организатори на регионалната конференција за агробизнис на Копаоник се Министерството за земјоделство и Стопанската комора на Србија. Некои од поважните теми кои ги следеа повеќе од 300 учесници беа: дигитализација на земјоделството, финансирање на земјоделството, влијанието на климатските промени врз земјоделството…

Слични содржини